Ердоган доаѓа да направи инвестициски бум
Турските бизнисмени имаат една порака до нашата држава: дајте ни ги истите услови што ги дадовте за влегувањето на грчкиот капитал пред неколку години
Најавената посета на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за крајот на месецов ќе значи нов силен поттик на интензивирање на меѓусебните односи на секое поле и, во таа смисла, во некои кругови веќе се оценува како „историска“ или пресвртна за турското економско присуство кај нас. Засега остануваат датумите од 27 до 30 септември како можни денови за посетата на Ердоган.
Дознаваме дека турскиот премиер ќе го придружуваат повеќе министри и бизнисмени, кои ќе ги скенираат бизнис-климата кај нас и можностите за соработка и за инвестиции. И од Министерството за надворешни работи потврдуваат дека посетата на турскиот премиер ќе се случи на крајот на септември, но и дека сé уште се преговара за точниот датум.Бизнис-релациите меѓу двете држави ќе бидат една од главните теми меѓу двајцата премиери, особено по отворањето на аеродромот „Александар Велики“, кој е најголема турска инвестиција кај нас. Не се исклучени и разговори на тема безбедност, одбрана и воена соработка. Инаку, посетата на турскиот премиер Ердоган се најавува уште од лани во март, кога требаше официјално да почне реконструкцијата на аеродромот „Александар Велики“ од страна на турскиот инвеститор ТАВ. Ердоган тогаш не стигна да ги удри темелите на новата административна зграда, ниту да присуствува на свеченото пуштање во употреба на реконструираниот аеродром. Ова е трет пат како се најавува неговата посета во Македонија.
Заеднички интереси
Како претходница, група од дваесетина бизнисмени од неколку турски града веќе беше кај нас за да ги испита условите за работа и инвестирање пред сé во слободните економски зони. Ја посетиле и зоната во Жабени, близу Битола. Турските бизнисмени се интересирале пред сé за висината на даноците, на платите на работниците, но и за инфраструктурата и имотноправните односи поврзани со земјиштето. На средбите имало и конкретни барања за соработка помеѓу наши и нивни фирми.
- Бизнисмените што ја посетија Битола беа заинтересирани најмногу за нашата храна, пред сé за производтвото на месо, сирење и вода за пиење. Во Турција овие продукти се многу скапи, а квалитетна вода за пиење ретко се наоѓа. Тие веднаш почнаа да се интересираат за процедурата за отворање мешовити фирми и барање партнерски фирми од Македонија што би направиле извоз на месо, млечни производи, но и на амбалажирана вода - ни изјави Шенол Мемиш, познавач на македонско-турските односи, а наедно и претседател на македонско-турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ од Битола.
Тој појаснува дека за турските инвеститори е интересно и градежништвото, во делот на големи инфраструктурни проекти и големи станбени комплекси.
- Турската градежна индустрија е меѓу најразвиените во Европа, но и пошироко. Доказ за тоа се огромните проекти што ги градат турски фирми во Европа, а последниве години особено се активни на територијата на поранешните советски републики, каде што реализираат повеќе стотици милионски градежни проекти - вели Мемиш.
Како увертира на турското учество се гледа на можната изградба на трите облакодери во околината на општината Аеродром, каде што турски експерти веќе ја испитувале безбедноста на земјиштето.
Турците ја скенирале и состојбата за најавената изградба на неколкуте автопатишта што се во рамките на коридорите 8 и 10.
Друг вид соработка
Зошто соработката би била корисна за двете страни? На Македонија и се потребни инвестиции, „нови“ пари во стопанството и нови работни места. Отворање нови фабрики многу би придонело за разбивање на оваа домашна финансиска стега. Турските инвестиции во производство на храна, градежништво или, пак, во туризмот би значеле многу за нас. Од друга страна, пак, Турција знае дека Македонија има потпишано многу билатерални трговско-економски договори со Европската Унија, што, пак, ќе и обезбедат полесно пробивање на нејзините производи на европскиот пазар од 400 милиони жители.
- Турските бизнисмени имаат една порака до нашата држава „дајте ни ги истите услови што ги дадовте за влегувањето на грчкиот капитал пред неколку години“. Турција е земја со над 10 проценти економски пораст последниве години и станува една од најголемите економии во светот со стратегиска позиција меѓу два континенти. Нејзиниот капитал е огромен и има потреба од пласирање надвор од границите. Да ги искористиме и емотивните врски како блиски народи што живееле неколку века заедно и да работиме за обострано задоволство. Ваквата соработка секако не исклучува и заобиколување на бариерите што Турција ги има од ЕУ, и тоа токму преку нашата држава, што не е ништо спорно - ни изјави Ѓунер Исмаил, директор на центарот за стратегиски истражувања „Форум“.
Тој истакна дека Македонија треба да има искрена политика кон Турција, што, според него, не било случај.
Досегашни турски инвестиции кај нас
- Прв затворен трговски центар во државава „Рамстор“
- Изградена очната болница „Европа“ во Скопје
- Компанијата „Џевељ“ најави инвестиција од 150 милиони евра за изградба на четири 40-катници во општината Аеродром во наредните четири-шест години
- „ТАВ“ влезе со инвестиција од над 150 милиони евра за реконструкција на двата аеродрома и за изградба на нов карго-аеродром
- Турски инвеститор ја купи и фабриката за производство на лепила „Белене“ во Берово што беше во рамките на „Охис“.
- Наскоро ќе почне градба на турска фабрика за експлоатација на мермер во околината на Прилеп
- Во најава се изградба на цементарница и на фабрика за производство на храна и прехранбени продукти, а сé уште стои најавата на „Шише џам“ за нова фабрика во државава
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9241194318&id=9&prilog=0&setIzdanie=22389