Пешевски: Турските инвестиции се зголемуваат, Македонија интересна инвестициска дестинација
Истанбул, 13 април 2011 (МИА)
– Турската компанија „Шише џам“ ја разгледува можноста да ја прошири првобитната намера за инвестиција во Македонија од 50 милиони евра на 150 милиони, со изградба на дополнителни две фабрики за производство на рамно и на автомобилско стакло.
Одлуката, според нивните најави, треба да ја донесат во наредните два месеца, информира македонскиот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски по денешната средба со раководството на компанијата во Истанбул, каде се одржува Евроазискиот економски форум.
- Имавме средба со „Шише џам“. Процесот на анализи од нивна страна продолжува. Но, она што е важно размислуваат покрај првобитниот план за изградба на погон за производство на амбалажа, и евентуално да се прошири производството на рамно стакло, инвестиција од дополнителни 50 милиони евра како и погон за производство на автомобилско стакло. Во игра се инвестиции од 160 милиони евра од Шише џам, но одлуката од нивна страна не е донесена за ниту еден од овие погони, но очекуваме, според нивните кажувања да биде во наредните два месеца, изјави Пешевски, додавајќи дека разговарано е за доста технички детали и оти разговорите продолжуваат.
Пешевски заедно со директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се дел од македонската делегација што учествува на 14. Евроазиски економски форум, што ја предводи претседателот Ѓорѓе Иванов.скс...
Во тек на дводневниот форум во Истанбул македонската делегација ќе оствари повеќе средби со компании заинтересирани за инвестирање во Македонија. Станува збор за компании од текстилната индустрија, автомобилската и здравството. Според Пешевски, повеќето од компаниите се споменувани во јавноста, но оти нема ништо спектакуларно да се соопшти, а тој не сака тоа да се почувствува како предизборна кампања.
Турска команија, како што информира, изразила интерес и за охридски ЕМО, но, како што рече, процесот на продажба ќе се одвива во рамки на тендерски постапки.
Според Пешевски, економските трендови се позитивни ако се земе предвид она што веќе е реализирано или е во тек и она што се најавува. - Економиите растат. Турција лани имаше еден од најголемите растови и веќе команиите размислуваат за излегување вон границите, а Македонија е интересна инвестициска дестинација. Како Влада ќе направиме она што е во наша можност да им помогнеме во тој процес, истакна вицепремиерот Пешевски.
Во осврт на турските инвестиции во Македонија ги напомена пуштањето на аеродромот во Охрид, инвестиција од турски ТАВ, најавеното завршување на скопскиот аеродром, исто така од ТАВ, потоа изградбата на стокатниците од страна на „Џеваир холдинг“, скорешното пушање во употреба на фабрика за лепила во Берово, како и отворената очна клиника во Скопје.
-Ако се погледне она што е тренд, има големо зголемување, а ако се земат предвид и најавите очигледно политичката поддршка што беше дадена лани вродува конкретен плод на економско поле. Наша задача е тој позитивен импулс да го искоритиме до максимум, потенцира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
http://daily.mk/cluster/6eb3665f9577a299bf3a122a0d896bea/turskite-investicii-se-zgolemuvaat,-makedonija-interesna-investiciska-destinacija