Еве како мене, како на стар скопјанец (4та генерација) ми изгледа Скопје. Во Скопје доаѓам секоја втора година и сакал-нејќел, го доживувам од перспектива на „регуларна дистанца“. При моето последно доаѓање сфатив дека се` повеќе си го сакам градот и се` помалку ме нервира. Не ме нервираат веќе преполните контејнери, кучињата скитници, дупките по улици, буката, смогот, па дури ни повремените мазги што Ромите чергари ги пуштаат на испаша у “Жена парк“. Во многу метрополи има дабетар работи кои се најчесто невидливи за туристите што се ѕверат наоколу возејќи се во “кабрио“ даблдекери. Сум поминал низ повалкани и подепресивни квартови во Барселона, Мајами, Рио, Сан Франциско...за Париз, Лондон, Њујорк, ич да не почињам. Секое доаѓање Скопје ми е се` поубаво. Порано се ежев, но сега ми е дури и симпатично маалското печење ракија, ајвар, подавање комшиско тањирче со баклава преку прозорец, или маање „ѕидарски“ пред гранап во населбите. Признавам, млатење теписи пред зграда (и тоа баш коа ти се спие) и катапултирање црни кеси од шести спрат е стварно срање. Меѓутоа оваа иконографија не е копирајт на Скопје. Ја има во слични варијанти во Њујорк или Чикаго по „етничките“ квартови каде имигрантите ги распослале своите паланечки навики. Додека живеев во Скопје, овие работи ми пречеа -- сега веќе не толку. Скопје е супер град за пешачење -- многу ми е кејф што не морам да користам кола или јавен превоз. Вистинска слобода е да не зависиш од превоз. Интересно ми е кога ќе слушнам како Ново Лисиче или Радишани се далеку. Во Лос Анџелес, возам 40 минути по автопат да се напијам пиво со другар ми. А живееме во ист град.