Анализа
Кој протестира на плоштадите
Ова се генерациите што доаѓаат. Оние што не ја разбираат нивната азбука се полуписмени
Ерол Ризаов
Интернет-генерацијата веќе со денови мирно протестира по македонските градови. Најмасовно во Скопје. Младите бараат одговорност за една залудна смрт. Особено за обидите на власта за забошотување на убиството на Мартин Нешковски, нивен врсник, претепан од полицаец на специјалните одреди, таа вечер не се знае по чиј налог ангажиран во обезбедувањето на премиерот Никола Груевски на прославата на изборната победа. Сликата на невината жртва, младиот Нешковски, носена од младите стана најсилната порака за демократизација на Македонија. Протестите повикуваат на јавно соочување на сите граѓани на Македонија со својата совест и со совеста на општеството, без оглед на политичката, партиската верската и расната припадност. Имаат ли граѓаните на Македонија, по дведецениска хибернација и тотална амнезија, нешто што ќе ги разбуди и ќе им овозможи да видат една нова слика, сосема поинаква од онаа што постојано ни е пред очи. Ако сите не го почувствуваме мирисот на вистинската македонска пролет, набргу овие кокичиња ќе замрзнат, бидејќи прерано ги кренале главите. Снегот е уште длабок. Во Македонија од дамнина им ги кинат главите на петлите што рано кукуригаат.
Моќта на социјалните мрежи во Македонија е вест која го обиколува светот. Највлијателните и најугледни медиуми веќе објавија дека младите бараат целосно расчистување на мотивите за убиството и политичка и конкретна одговорност во хиерархијата на МВР, според законите, професионалните и етичките принципи, за сите што знаеле, а го прикривале убиството и свесно ја дезинформирале јавноста цели три дена. Тоа се конкретните барања, она што историчарите го нарекуваат непосреден повод. Вистинските причини се нешто над тоа. Тоа се предвесници на новото време.
Младите што протестираат не бараат смена на власта, не ги проблематизираат изборните резултати, не испорачуваат политички услови и партиски пораки. Целиот нивен протест, во суштина, се сведува на демократизација на Македонија, заштита на човековите права и слободи и одговорност за едно убиство и обид за прикривање злосторство. Тоа го пишува како цел во сите партиски програми. Тогаш во што е проблемот. Лесно е да се напише, тешко е да се оствари. Некој демократијата во Македонија ја сфаќа само онака како што тој мисли. Наместо сите, вклучувајќи ја и власта и опозицијата, определени, неопределени да се гордееме зашто, сепак, постоела ваква затскриена критичка маса, во што не верувавме, се мобилизираа веднаш „јаничари“ и дежурни бранители на националните интереси да ја банализираат работата и да ја претворат во наводно партиска нарачка со политичка мотивација да се собори власта. Тоа предизвика лавина од грешки на партиските војници и функционери на власта, кои се' уште не седнале во своите фотелји, влечат потези што го откриваат малиот демократски капацитет. Покрај флагрантните обиди да се забошоти убиството, лажењето на јавноста, навреда и уцена на родителите на Мартин, сатанизацијата на медиумите и новинарите што пишуваат објективно за случајот, почна една лесно препознатлива кампања на жестоки навреди и извртување на тезите. Божем тие што протестираат се изманипулирани дечишта, дека еден „несреќен случај“, „немил настан“, „туѓа и лична трагедија“, „некој сака младите да ги искористи, да го политизира случајот и да ја компромитира власта“. Тоа, во суштина, е најголемата грешка по обидот да се забошоти убиството на момче кое сакало да ја прослави победата на својата партија во близина на највисокото раководство.
Да имаше малку здрава размисла со сопствена глава, во аналитичките центри на ВМРО-ДПМНЕ многу бргу ќе видеа дека ова не се ликовите од партиските митинзи. Ова не се гневните измачени лица на тутунарите, млекарите, лозарите, стечајните работници, невработените, партиските членови и симпатизери. Не треба повеќе од 10 секунди да се види дека ова се нашите деца, генерација на „Фејсбук“ и на „Твитер“, ова е друга костимографија, иконографија, нов стајлинг, нова саморежија, нова комуникација. Ова се генерациите што доаѓаат. Оние што не ја разбираат нивната азбука и нивните пораки се полуписмени. А тие ја знаат нашата азбука штом зинеме. Добро знаат што значи и каде припаѓате кога за убиството на Мартин Нешковски ќе речете несреќен случај, немил настан, злоупотребена трагедија во политички цели и слични глупости што ја навредуваат интелигенцијата не само на целата интернет-генерација, туку и на повозрасните. Тие добро знаат кој сте ако сакате да го угасите интернет. Да кажете за овие млади луѓе дека се жртви на манипулации и дека се злоупотребени за политички цели е не само политичко слепило, туку неподготвеност за соочување со реалниот живот.
На власта и' требаше речиси цели 10 дена да открие дека кампањата за ублажување на последиците од убиството на Мартин Нешковски не дава резултати и дека пораките се погрешно адресирани. Сега се прави нова уште поголема грешка. До провладините медиуми колективниот главен уредник упати нова наредба да се игнорираат протестите и да не им се дава нагласен простор. Трескаво се бараат нови методи како младите меѓу себе да се раскараат, да се обвинат дека се насилници и да се маргинализираат. Се бараат и нови афери кои ќе го разводенат интересот за протестот и барањата на младите. Апсолутно погрешно. Власта влегува од грешка во грешка. Интернет нема кој да го замолчи. Колку повеќе го притискаш, тој посилно експлодира. Особено е силен кога другите молчат.
Нема друг начин да се смири ситуацијата освен да се признае грешката и да се понесе одговорноста. Секаква. И политичка, и морална и законска, не само на директниот убиец, туку и на сите во хиерархијата што знаеле, а го прикривале убиството на Мартин Нешковски. Оној момент кога почнува прикривањето на убиството почнува и неговата политизација. Да се излезеше храбро пред јавноста уште истата вечер на 6 јуни и да се осудеше грозоморниот чин според сите професионални и законски норми, политички и етички принципи, трагедијата барем донекаде ќе беше ублажена.
Света обврска е на сите нас да го зачуваме ова богатство што сме го имале, а не сме ни знаеле. Тие израснале самоникли, жилави, тука крај нас без наша помош и поддршка. Немаме право да ги ништиме. Тоа би било најголемото злосторство.
Извор