Дали Фабрегас навистина ѝ e потребен на Барселона?
Тоа што беше најголема трансфер-сага во 2010 година, останува еднакво актуелна и во 2011-та. Дали Сеск конечно ќе се врати во матичниот клуб? Арсенал постави цена, а Барселона не изгледа дека особено брза да го доведе Шпанецот. Како поминува времето, така е сè помалку логично дека воопшто треба да го направи тоа...
Минатото лето Барса одлучи со парите што Арсенал ги бараше за Фабрегас да ги доведе Давид Вилја и Хавиер Маскерано. Ѝ требаше замена за неефикасниот Ибрахимовиќ и за Јаја Туре. Додека Чави и Иниеста одлично работат на средината, едноставно нема потреба нешто да се менува, особено не ако таа експериментална промена чини 50-60 милиони фунти. Барселона не погреши лани и резултатите во оваа сезона, каде што е најсериозен конкурент за нова тројна круна, најдобро го кажуваат тоа.
Во меѓувреме, Сеск во Арсенал е далеку од импресивен. Неговата игра стагнира. Годинава полни 24 години, а сè уште нема трофеј зад неговото име. Евентуален премин во тим што ја пишува фудбалската историја сигурно би му донел титула и логично е неговото инсистирање за враќање на „Ноу Камп“. Би се вратил, но каде? Чави Ернандез веќе е влезен во четвртата деценија од животот и иако е незаменлив на таа позиција, Пеп Гвардиола знае дека и тој не е вечен. Сеск изгледа како логично решение за овој проблем, како типичен плејмејкерски продукт на Барселона, но освен начинот на игра, малку е сличен со Чави во однесувањето на теренот и надвор од него.
Сеск ги живее последните седум години во Арсенал низ многу извинувања, отсуства и без притисок за победа. Приказната е комплетно различна во Барселона. На „Ноу Камп“ не ги интересираат судии, повреди или подготвеност на теренот на кој играат. Барселона ја интересираат само победи, а кога не доаѓаат, управата брзо реагира за да го врати клубот на вистинската насока. Преку оваа филозофија, бараат играчи од светска класа, но што е уште поважно, бараат фудбалери со победнички менталитет. Секоја година во сениорскиот клуб влегуваат млади и докажани победници, кои со време стануваат играчи од светска класа. Фабрегас во Арсенал го загуби, односно не успеа ниту да го оформи победничкиот менталитет.
По натпреварот со Барселона на „Ноу Камп“, Сеск доби многу критики... заслужени. Подоцна кажа дека се повредил уште во 15-тата минута, но не му кажал на Венгер за да не „го остави тимот сам“. Направил што? На сите ни е јасно колку тој натпревар му значеше на Сеск, но играње на важен натпревар со повреда не е херојски или лидерски, туку едноставно е... глупаво. Тешко можат да се замислат Чави, Иниеста, Меси како го саботираат својот тим на овој начин. Фабрегас веќе не изгледа дека има ДНК на играч на Барселона. Имаат нови и млади момчиња од младинската школа, кои ќе се појават да го заменат Чави. Момчиња како Алкантра или Жонатан дос Сантос...
Фабрегас сака во Барселона, но тоа треба да го заслужи. Ако Барса реши да ја даде бараната сума и да го врати во тимот, ќе одигра многу непотребно ризично. Од една страна, поради горенаведените причини, а од друга, поради лошиот пример што ќе го даде на младите на „Ноу Камп“ дека можат да заминат во кое било време и повторно да се вратат како ѕвезди. Одлуката на крајот ќе биде на Гвардиола и управата. А тие малку грешеа во последните години.
--- надополнето ---
- Legend