Истокот и Западот на „Филип Втори“ без посебни влезови!
Моментно се работи на сепарација на најновите трибини од јужна и од северна за мечот против Република Ирска на 4 јуни
Сашко Ѓ. Димовски
Несфатлив пропуст на националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Верувале или не, меѓутоа, источната и западната трибина се подигнати без посебни влезови. Гаф, кикс, недоследност, аматеризам, превид или, пак, толку дозволуваат условите за градба во маркицата е нешто на кое може да гледа кој како сака, но факт е дека за најновите трибини на нашиот фудбалски објект не се предвидени посебни влезови што во секој случај е недозволиво и на што требало да се мисли на време.
Проблемот е воочен при неодамнешната посета на претходницата на Република Ирска во Скопје, која го подготвуваше теренот за гостувањето на нејзината репрезентација во Македонија на 4 јуни во квалификациите за Европското првенство во 2012 година. При скенирањето на сместувачките капацитети во македонската престолнина Ирците изразиле желба да го посетат и стадионот на кој ќе се игра натпреварот и условите за игра што ги очекуваат нивните фудбалери. Резервирале и билети за своите навивачи, им била посочена и трибината (Исток) на која ќе бидат сместени по што гостите, имајќи ја предвид безбедноста на фановите, прашале од каде ќе влегуваат. Им било кажано дека влез на источната трибина и на западната трибина е предвиден преку мостовите на јужна и северната на што веднаш негодувале и таквиот исказ го прифатиле со чудење. Реагирале кај домаќините и кај надлежните на стадионот, забелешката е веднаш прифатена и во моментот се работи забрзано на сепарација на источната трибина од јужна и северна за да се избегнат блиски средби меѓу домашните и гостинските навивачи и евентуални несакани последици.
„Сега се работи на одвојување на источната трибина. Таа ќе има посебен влез за мечот на 4 јуни. Тоа барање на Ирците ќе биде задоволено. Дали решението на кое во моментот сме фокусирани ќе остане трајно не сакам да прејудицирам. Како ќе биде потоа не можам да кажам“, изјави извор на стадионот чиј идентитет ќе остане анонимен.
Билетите од 100 до 300 денари, за Ирците 20 евра
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја одреди цената на влезниците за квалификацискиот дуел меѓу нашата репрезентација и Република Ирска на 4 јуни во Скопје за пласман на ЕП 2012. Сумата варира во зависност од секторот, па така за Јужната и Северната ќе се продаваат по 200 денари, 250 денари и 300 денари, билет за Западната трибина ќе чини 100 денари.
Источната трибина ќе биде отстапена на Ирците кои за влезница ќе издвојат по 20 евра.
http://utrinski.com.mk/?ItemID=18DF1A2E0281434EA1A9E569A644B7F6