Пребројување на населението од 1 до 15 октомври
Пописот на населението, домаќинствата и становите наместо од 1 до 15 април се предлага да се одржи од 1 до 15 октомври годинава. Собранието денес ќе расправа за измени и дополнувања на Законот за попис по скратена постапка, со кои оваа статистичка операција треба да се одложи за шест месеци.
Завчера доцна попладне координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева и на ДУИ Тахир Хани до Собранието доставија Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за попис, кој е веќе ставен како дополнување на дневниот ред на 143. собраниската седница закажана за денеска.
Со измените се предлага одлагање на пописот за почетокот на октомври и менување на роковите во кои се преземаат и придружни активности кои го следат пописот. Исто така, се предвидува да престанат со работа избраните и именуваните реонски попишувачи.
- Имајќи ги предвид утврдените законски рокови за спроведување на пописот во Република Македонија, како и фактот дека целта на законот е да обезбеди квалитетно спроведување на планираниот попис, се оцени дека е потребно да се предложи изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во 2011 година, заради одложување на спроведување на пописот преку промена на законски утврдените рокови за спроведување на оваа најмасовна статистичка акција, наведуваат Бонева и Хани во образложението на Предлогот.
Пописот на населението во Македонија се одлага поради се поизвесните предвремени избори. Проблем предизвикаа и поделбите во Државната пописна комисија во однос на одлуката за бројот на попишувачи припадници на етничките заедници. Членовите од албанската и турската етничка заедница ја напуштија работата на Комисијата откако не беше прифатен нивниот предлог за бројот на попишувачите, а на огласот за попишувачи и на спроведеното тестирање се јавија само 600 Албанци од вкупно 16.500 пријавени.
izvor