Евтините автомобили од 15 март
Потребните законски измени дотогаш ќе треба да бидат изгласани од Собранието
Нина Нинеска-Фиданоска
Веќе од средината на овој месец граѓаните ќе можат да купуваат поевтини половни или нови возила, односно со пониски акцизи и царини. Министерот за финансии, Зоран Ставрески, очекува дека до 10 март или најдоцна до 15 март сите потребни законски измени со кои се намалуваат акцизните и царинските стапки ќе бидат изгласани од Собранието, така што оттогаш ќе можат да се увезуваат и автомобилите по пониски цени.
Практично, првиот финансиер очекува дека во наредните денови народните избраници ќе успеат да ги донесат и измените на Законот за акцизите, како и измените на Царинскиот закон, со што тие ќе се продаваат во земјава по новите, поповолни цени.
Увозниците на нови возила со нетрпение очекуваат парламентарците да ги изгласаат потребните законски измени, бидејќи во овој вакуум период нивните автосалони се речиси празни и никој не купува нови возила, во исчекување на пониските цени. Да поминат побрзо законските измени едвај чекаат и увозниците на половни возила, чии натоварени полни шлепери кои сега се наоѓаат во Германија и во Италија, треба да влезат во земјава.
На новинарско прашање дали ќе се забави олеснувањето на увозот на автомобили ако паралелно не се намалат и акцизите и царините, Ставрески рече дека не би требало да се случи тоа, зашто намалувањето на царините и акцизите ќе одело истовремено. „За да дојде до истовремено паѓање на царините и на акцизите, отидовме со двата закона на иста собраниска седница. Станува збор за разлика од само еден или два дена во кои тие точки ќе бидат на дневен ред. Очекувам во речиси исто време да издејствуваме намалување и на акцизите и на царините. Тоа би требало да се заврши до средината на овој месец, односно меѓу 10 и 15 март двата закона да поминат на собраниска седница“, рече Ставрески.
Инаку, Собранието вчера ги изгласа предлог-измените и дополнувањето на Законот за акцизите да бидат донесени по скратена постапка. Заменик-министерот за финансии, Недим Рамизи, објасни дека Владата решила да предложи измените да бидат изгласани по скратена постапка, бидејќи моментно имало проблеми и застој во царинењето на старите автомобили што се увезуваат од земјите на ЕУ.
Со овие измени се намалува акцизата за старите возила, како и за 90 проценти од новите, а се воведува и нов модел за пресметка на таа давачка што се базира на вредноста на возилата наместо како досега, преку зафатнината на моторот. Поточно, возилата со фактурна вредност до 3.000 евра се целосно ослободени од акциза. За сите возила до 6.000 евра акцизата е до 90 евра. Намалувањето на акцизите се движи од 50 до 600 евра, во зависност од вредноста на возилата, додека зголемување има за акцизите на околу 10 проценти од возилата, кои спаѓаат во најлуксузната категорија.
извор