Како најтипична коза инатот ми е главна движечка и мотивациска сила во животот. На инатот му должам многу. Уште во основно една подалечна моја роднина-тетка љубоморна затоа што нејзиниот син не беше баш по школото, цинично знаеше да ми се насмее и да ми каже дека нема лесно да пројдам низ средно и факултет и дека тешко било и дека ќе сум паѓал на испити итн. -Ти си мислиш така се учело-знаеш да каже додека ми даваше некое никакво слатко од сливи во стаклена тацна и чаша чешмовача вода. И низ целиот мој процес на образование секогаш кога сум бил со крајни сили, кога сум имал бајаги кецови, двојки во дневник, кога било 4 саат сабајле а јас без сили да продолжам да учам а испитот ми е за ден-два а заостанувам, доволно ми беше да се сетам на неа да здрвам едно нес без млеко и шеќер, и 2-3 цигари и сум продолжувал со крајни сили напред. И станав и академски граѓанин во еден може мал но добар дел (не)благодарејќи на неа. Е толку е моќен инатот кај мене. Контролираниот инат воопшто не е лоша работа ќе ве турка секогаш напред, ако немате со кого инатете со себе и ќе ги исполните и надминете вашите капацитети и цели.