Смртта на Таневски - несреќен случај
Несреќен случај е смртта на кичевскиот новинар Владо Таневски. Со ваква констатација Тетовското обвинителство го затвори случајот за давењето во кофа со вода на човекот кој беше уапсен под сомнение дека е сериски убиец на жени во неговиот град.
По 15 месеци истрага ништо не укажувало дека Владо Таневски во тетовскиот затвор бил убиен, велат за А1 во Обвинителството.
Се водеше истрага, се испитуваа ДНК од останатите затвореници во ќелијата со Таневски, но од сето тоа произлезе дека откриените модринки по неговото тело се од интервенцијата на лекарот кој се обидел да го поврати во живот.
Клучно дека Таневски не е убиен е вештачењето на прошталното писмо до семејството, било напишано од негова рака.
„Ако сите тие работи тој ги направил, верувам дека ќе извршеше прво самиот нешто дома“, рече на 24.07.2008 Весна Таневска, сопруга.
За Обвинителството квалификацијата несреќен случај е затоа што истрагата не укажала на убиство, со ова потврдува дека новинарот сам си го одзел животот во затворската ќелија.
Во низата сомневања за бизарноста на самоубиството, дел од експертите сепак тврдеа дека човек може сам да се удави во кофа со вода, особено ако е под силни седативи и намалена моторика.
„Па дури и случај каде дете се удавило во 30 милилитри, тоа се 3 кубика, на вода кога со главата било спрема водата позиционирано. Дали е по своја волја не можам да кажам, веројатно некаков инцидент настанал, каде можеби паднале луѓето“, изјави Дејан Докиќ, алерголог.
Таневски беше осомничен за убиство на две кичевки, за убиството на едната од нив од претходно двајца веќе се осудени на доживотен затвор.
Се истражуваа и други убиства во Кичево. Сепак, случајот иако архивиран, може повторно да се отвори доколку некој од Обвинителството има нови докази или аргументи дека Владо Таневски можно е да бил убиен.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=115221