Најреално, тоа сега засега е само сон. Најпрвин, за да се случи тоа, мора соживотот меѓу различните етникуми да биде на многу повисоко ниво, коешто сега, за жал претставува утопија. Значи политичката еманципација и развитокот на политичката култура која до сега беше, се уште е, а и ќе биде уште некое време, патримонијална - се клучни за да се создаде една политичка нација.
Понатаму, треба народот да сфати дека има огромна разлика меѓу нација и народ. Нацијата по дифолт секогаш го носи името на државата, територијата на која се наоѓа, за разлика од народот кој живее во државата кој може да биде: македонски, албански, турски, туркменистански и слично.
Таа дистинкција е многу лошо направена, па затоа и самото спомнување на македонска нација развива различни чувства кај луѓето.
Всушност, симболично кажано, нацијата може да го претставува и чувството на припадност кон одредена територија, во случајов македонска територија.
Сепак треба да се разбере дека во случај на градење на јака македонска нација, не значи тоа дека на пример, Албанците или Турците или другите народи треба да се претопат во македонски народ, напротив - тие треба да си ги негуваат своите специфики, но заедно со Македонците, кои исто така треба да си ги негуваат своите карактеристики, ќе ја сочинуваат македонската нација.
За жал, кај нас тие некои работи погрешно се толкуваат, односно некому одговара погрешно да ги пласира во јавноста, за раздорот да се продлабочи.
Верувајте, доколку се изгради силна македонска нација, со јак соживот - ретко кој политичар, без разлика на кој етникум му припаѓа, ќе се осмели да прави што сака. Вака многу полесно им е да создаваат раздор, нетолеранција, многу полесно е да се владее. Раздели, па владеј.
Значи тоа е добро пред се за самото внатрешно уредување, а и за самата слика која Македонија ќе ја остави пред меѓународна заедница.
Јака нација е непобедлива. Непостоечка или слабо изградена нација - слаби темели.
Нацијата е темелот на државата. Ако тој е слаб, ондак и куќата при најмал земјотрес ќе колабира.