Македонија го наплаќа долгот од Рејкјавик
„Бункерот на Исланд ќе се обидеме да го разбиеме во првите 20 минути“, порача селекторот Јонуз
Сашко Ѓ. Димовски
Со променети функции во одбраната, поместувања нанапред на целиот тим и континуиран притисок по страничните позиции преку Лазаревски и Попов македонската фудбалска репрезентација попладнево (17,45 часот) на националната арена „Филип Втори“ во мечот со Исланд ќе се обиде да ја оствари втората победа во квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година.
Формациски отстапки ќе нема. Македонија повторно ќе истрча со тројца напаѓачи, Наумоски, Стојков, Пандев, само што за разлика до натпреварот со Норвешка во саботата, овој пат во средина ќе биде Наумоски, а Стојков и Пандев ќе ги менуваат позициите. Капитенот Седлоски се враќа на старата позиција во одбраната, централен дефанзивец раме до раме со Игор Митрески. Фудбалерите за врска ќе мора се однесуваат многу поангажирано, поконцентирано, да бидат многу поактивни, да создадат човек повеќе и да дистрибуираат топки за соиграчите задолжени за голови. Интенција ќе биде да се постигне гол во првите 20 минути од натпреварот во кој победата е императив за нашиот национален тим. Прво за наплата на долгот на Исланѓаните за поразот во Рејкјавик во октомври лани, второ за подигнување на самодовербата во пресрет на завршните мечеви во овие квалификации против Шкотска и Норвешка во втората половина од годината, трето за подобрување на атмосферата во репрезентацијата.
„Исланд не е Норвешка, Исланд не е Андора. Тоа е тим кој игра дефанзивно, затворено, обично се брани со четворица фудбалери, а понекогаш знаат да играат и со петмина. Не' очекува тежок меч во кој се надевам дека ќе успееме да го го разбиеме противничкиот бункер и тоа брзо. Задоволен сум од играта против Норвешка, ни недостасуваше само гол. Се надевам дека ќе го има во натпреварот со Исланд“, оптимист е селекторот Мирсад Јонуз.
Во деновите меѓу дуелот со Норвешка и денешниот со Исланд на тренинзите беше посветено внимание на тактиката. Се уигруваа варијанти, заеднички се следеше нашето гостување во Рејкјавик, заеднички се гледаше снимка од мечот на Исланѓаните во саботата против Холандија. Се анализираше противникот, се бараа добрите и лошите страни на нашиот денешен гостин.
„Не' очекува уште еден тежок меч. Исланд воопшто не е наивна репрезентација. Игра мудро, затворено. Големи должници ни се за поразот во Рејкјавик во меч во кој имавме игра, имавме шанси, но за жал не постигнавме гол и загубивме. Одиме на победа и три бода кои ни се многу потребни“, порача Горан Пандев за кого се' уште е неизвесно каде ќе ја продолжи кариерата. За „Скај спорт“ изјави дека сака да си замине од Лацио, тоа му го порача и на претседателот на „небесно-сините“ од Рим, Клаудио Лотито. За Пандев се заинтересирани неколку европски гиганти меѓу кои минхенски Баерн, мадридски Реал и Ливерпул, па летото треба да се очекува дефинитивниот расплет за следната станица во неговата кариера.
Оптимист дека трите бода денеска ќе останат во Скопје е играчот на Полонија, Владе Лазаревски, кој не настапи во саботата против Норвешка.
„Исланд е репрезентација која игра дефанзивен фудбал. Но, противникот не не' интересира премногу. Мотивирани сме да се реваншираме за поразот во Рејкјавик. Мора да победиме во што се надевам дека ќе успееме“, вели Лазаревски.
Правдата во натпреварот Македонија - Исланд ќе ја дели судиска тројка од Франција. Главен судија ќе биде Саид Енжим на кого ќе му асистираат Фредерик Кано и Фреди Арши.
Во вториот меч во нашата група вечерва Холандија ја пречекува Норвешка.
Исланд без главните играчи во Скопје
Исландскиот печат ја потенцира споменатата хендикепираност поради неиграњето на своите најдобри фудбалери: Еидур Гудјонсен на мечот против Шкотска
Горазд Михајлов
Исланд - Во саботниот дуел против далеку пореномоираната и поквалитетна репрезентација на Холандија, Исланѓаните немаа многу шанси. Во првото полувреме квалитетните Холанѓани го наметнаа своето препознатливо темпо на игра и рано дојдоа во водство. Тие апсолутно доминираа во текот на првите 45 минути и заслужено заминаа на полувремето со предност од 2-0. Во вторите 45 минути со неколкуте измени селекторот Јоханесон се обиде да ја освежи играта во својата екипа што донекаде му успеа но искусните лалиња ја контролираа играта и резултатот, а единствено што успеаја да направат домаќините беше да го ублажат поразот во последната минута од натпреварот.
Но, по натпреварот тренерот Јоханесон можеше да биде задоволен од прикажаното на своите избраници во вториот дел од мечот, но никако не можеше да биде задоволен со проблемите кои се појавија по овој натпревар. Имено главните играчи или носителите на играта на исландската селекција заработија картони, кои практично значеа автоматска суспензија за дуелот против Македонија. Капитенот и играчот на премиерлигашот Херман Хреидарсон, потоа Сигурдсон и Гунарсон, нема да бидат на располаѓање за мечот со нашата репрезентација.
За пехот да биде уште поголем, најславното име во исландскиот тим Гудјонсен мораше пред време да го напушти теренот, бидејќи заработи непријатна повреда и по извршените прегледи ќе отсуствува подолг временски период од зелените терени. На повреди по натпреварот се пожалија и капитенот на данскиот Брондби Гислансон како и членот на италијанската Реџина, Емил Халтфредсон.
„Знаевме за каков квалитетен противник стануваше збор. Се обидовме со сите сили да им парираме на Холанѓаните но тие едноставно беа пресилни. Во секој момент од натпреварот знаеја што сакаат и искусно го контролираа целиот меч. Од борбеноста и залагањето на моите избраници можам да бидам задоволен, но не и од моменталната состојба со играчи по натпреварот. Затоа бев принуден да повикам дури пет нови имиња во составот за дуелот со Македонија. Натпреварот ќе биде исклучително тежок, но ќе се обидеме да им парираме на одлично технички подготвените Македонци, кои според мое мислење, играат најдобар фудбал во нашата група по репрезентацијата на Холандија. Тоа можевме да го видиме и во првиот натпревар против нас овде на Исланд, каде во второто полувреме тие доминираа но среќата беше на наша страна“, изјави селекторот на Исланд, Јоханесон.
Исландскиот печат ја потенцираат споменатата хендикепираност поради неиграњето на своите најдобри фудбалери. Но, исто така весниците пишуваат и за напуштањето на репрезентативниот камп, на играчот на Лин од Норвешка, Теодор Бјарнасон, поради недоволното играње и недоволната укажана шанса од страна на селекторот.
Статијата е прочитана 190 пати.