Поништен тендерот за изградба на црквата на плоштад
За државата биле премногу 16 милиони евра што ги понуди „Гранит“
Деспина Трајковска
Министерството за култура го поништи тендерот за изградба на црква на скопскиот плоштад поради превисоката цена. На тендерот единствено се јавил „Гранит“, кој понудил 16 милиони евра за изведба на објектот. Комисијата, информираа вчера од Министерството, експресно ја донела одлуката, откако по завчерашното отворање на понудите утврдила оти понудата на „Гранит“ ја надминала сумата утврдена со јавната набавка.
Колку е подготвено Министерството, односно Владата да издвои средства за изградба на планираниот импозантен верски објект, од Министерството, како и изминативе неколку месеци, не кажуваат. Вчера надлежните единствено рекоа дека тендерот се поништува, при што не информираа кога ќе се повтори и дали условите во него ќе останат непроменети или, пак, ќе претрпат корекции.
Од „Гранит“ кусо изјавија оти право на Комисијата е да го поништи тендерот, не сакајќи да коментираат за причините за таквата одлука. Потврдија и дека планираат да учествуваат и на повтореното објавување.
„‘Гранит‘ учествуваше и ќе учествува не само на овој, туку на сите тендери, сметајќи дека има капацитет да ја заврши работата. На тој начин се обезбедува работа за 2.500 вработени. Ние сме најголема и најквалитетна фирма, имаме механизација и квалитетна работна сила да одговориме на сите барања“, велат од „Гранит“.
ЛДП вчера обвини дека Владата го протежира „Гранит“, што било доволна причина Антикорупциската комисија да отвори досие за градежната компанија и за нејзините зделки со државните институции.
„Не сме против изградба на црквата, туку зошто да се трошат државни пари за таа намена и тоа во оваа економска ситуација. Проектот за црквата полека прераснува во корупциска афера. Доколку црквата на Костовски целосно можеше да се изгради за 3 милиони евра и таа на Гуштеров за 6 милиони евра, при што се користени енормни количества мермер, нејасно е како само за изградба на храмот на плоштадот се потребни 16 милиони евра“, рече Роза Топузовска-Каревска од ЛДП.
По случувањата со тендерот, реагираа и од опозиционата СДСМ, која е против изградба на какви било нови објекти на градскиот плоштад. „Имајќи го предвид и уставниот принцип за секуларност, ние сме против изградба на цркви со пари од државниот буџет. Во моменти на економска криза неопходно е овие пари да се пренаменат во стопанството, односно во субвенционирање на социјални продавници, нов пакет-мерки за оние кои секојдневно масовно остануваат без работа, како и за решавање на проблемот на млекарите од ‘Сведмилк‘“, порача вчера пратеничката Маринела Тушева.
Четирите градежни компании кои подигнаа тендерска документација, но не доставија понуда на тендерот, вчера останаа без коментар. Ниту „Маврово“, ниту „Бетон“ ниту, пак, двете првично заинтересирани странски фирми, немаа став околу тендерот. Така, останува нејасно зошто се откажале од трката за изградба на верскиот објект.
Упатените во изградбата на верски објекти и во употребата на специфични градежни материјали сметаат дека големата сума, што ја побарал изведувачот, е поради предвиденото вградување на скапиот и редок мариовски камен травертин, кој е планирано рачно да се вградува во фасадата. Неодамна, за „Утрински весник“, владини извори изјавија дека токму во изградбата на храмот најмногу ќе се користи травертин од македонските рудници. Камбаната најверојатно ќе се набави од Русија, а се' уште не е дефинирано од каков материјал ќе се изработуваат олтарот и фрескоживописот.
Оние кои го виделе архитектонското решение тврдат дека храмот ќе претставува спој на традицијата со модерното. Црквата ќе биде во облик на крст, со основа 25 на 25 метри и височина во рамки на дозволените димензии, а камбанаријата ќе биде висока 29 метри. Централниот влез ќе биде кај „Дал мет фу“, а олтарот ќе се постави во правец на Градскиот трговски центар. Црквата ќе има пет куполи, а најатрактивниот дел, тврдат наши извори, ќе биде камбанаријата која ќе има улога на кула, каде што по скали ќе можат да се искачуваат посетителите кои ќе сакаат центарот на Скопје да го гледаат од птичја перспектива. На фасадата на храмот ќе има и парчиња мозаик, а особено внимание ќе и' биде посветено на надворешната илуминација, која ќе ги менува боите.
Статијата е прочитана 704 пати.
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=30FBDCF7055FFD41836EC638BE095082