В година во Европа без визи
19.05.2009 19:42
Европската Комисија до земјите членки го дистрибуираше извештајот за укинување на визите
Македонските граѓани од почетокот на идната година ќе можат слободно, без визи да патуваат во земјите на Европската Унија.
Оваа оптимистичка прогноза и очекување, станува се поизвесно. Денеска Европската Комисија, до земјите членки го дистрибуираше извештајот, базиран на оценувачките мисии кои ја контролираа подготвеноста на земјите од западниот Балкан за укинување на визите.
Според дипломатски извори на А1, оценките за Македонија се исклучително позитивни, или поконкретно, во четирите области кои беа оценувани, забележани се следниве оценки: чиста петка според критериумот безбедност на личните документи. Исто така, највисока оценка за критериумот фундаментални права, што се однесува на основните човекови права и демократија.
Четворка за критериумот реадмисија и илегална миграција, поради тоа што не била докрај подготвена базата за странци, и исто така четворка во критериумот јавен ред и безбедност, поради тоа што клучните институции во земјава немале интегрирана база на податоци.
Што налага процедурата? Овие извештаи, прво ќе бидат разгледани од земјите членки на ЕУ. Потоа Европската Комисија, кон крајот на јуни, или најдоцна почетокот на јули, ќе треба да даде препорака за укинување на визите, односно за преместување на Македонија од црната на белата шенген листа.
Во Македонија владее уверување дека граѓаните од 1 јануари 2010 ќе патуваат без визи
Потоа, на почетокот на есента, Европскиот Парламент треба да даде зелено светло, а крајниот збор го има Советот на министри.
Целата оваа процедура се предвидува, дека ќе треба да финишира до ноември, за визната слобода да може да профункционира од почетокот на идната година, односно од јануари 2010. Во официјално Скопје, како што е веќе познато, владее уверување дека само чудо може да го одложи, или да го спречи укинувањето на визите.
Прашањето кое се уште е отворено, е дали само Македонија од земјите на западниот Балкан ќе добие безвизен режим од почетокот на идната година, или укинувањето на визите ќе важи и за некои други земји.
Во оптек се неколку комбинации. Македонија плус една, во случајов тоа би била Црна Гора, бидејќи таа е најнапредна од останатите земји, и втората комбинација е Македонија плус две. Во тој случај освен Македонија, на белата шенген листа би биле ставени и Црна Гора и Србија, која засега има одредени проблеми. Оценките се негативни за Албанија и за БиХ.
izvor A1