При реконструкција на граничниот премин Висје, помеѓу Македонија и Грција, работниците од градежната фирма Билд, ја разрешија една од најголемите мистерии на античкото време. До ова откритие дошло при откопувањето на геодетските маркери, по што со одлука на градежната инспекција се започнало со дополнителна дренажа на теренот. Било потребно да се откопа една карпа за да може да се продолжи со сондажа на теренот. По повеќечасовен труд и со помош на механизацијата карпата конечно била поместена, по што дневната светлина ја здогледала голема гранитна плоча. Под претпоставка дека се работи за закопано турско злато, багеристот Ангел Трајковски во договор со колегите продолжил да го расчистува теренот, за по неполни два часа да се испостави дека всушност станува збор за скалеста мермерна градба долга 30 и широка 4 метри. Вкопувајќи се со багерот уште подлабоко некаде на длабочина од четири метри, пронајден бил влезот на мавзолејот на Александар Македонски. Не терен веднаш излегол и директорот на Генералниот инспекторат на Република Македонија Гоце Мичевски, а наскоро истото го направиле и две екипи археолози од Народниот музеј на Скопје. На лице место било утврдено дека е пронајдена градба односно тунел кој води кон оближното брдо Бојчик. Тунелот е долг околу 140 метри и е обложен со црни мермерни плочи дебели околу еден метар.
На влезот од тунелот археолозите ги пречекал огромен камен блок совршено вклопен во ивиците на ходникот, а кој бил поместен дури доцна во ноќта и тоа така што бил избуткан во внатрешноста од соседната просторија. На блокот е изгравирана слика на богот Аполон на кочија која ја влечат лебеди, а над рељефот на јонски дијалект од старогрчкиот јазик е испишано Хипербореја (Υπερβορεία). Тоа како што беше соопштено, претставувало јасен знак дека зад ѕидот лежи нешто многу значајно. Тоа што било пронајдено внатре сосема сигурно, според зборовите на одговорните луѓе, ќе започне ново поглавје во историјата.
Внатрешноста на следната просторија, за која се испоставило дека е гробницата на Александар Македонски, се наоѓа на некои дваесетина метри под површината на падините на Бојчик. Како ѕидовите така и ходникот се направени од гранитни блокови кои се прекриени со мозаици од походите на Александар. Покрај тоа, во внатрешноста има осум носечки столбови со лиот на богот Атлас кои го потпираат таванот на просторијата, познати како каријатиди. Во самиот центар на просторијата се наоѓа камена крипта на која исто така на јонска варијанта од старогрчкиот јазик е вклесано Мегас Александрос (Μέγας Aλέξανδρος) односно Александар Велики. Од левата и од десната страна на криптата стои по еден Атлас каријатида, додека останатите се распоредени по аглите. Во гробницата биле пронајдени и коски од осунаесет човечки костури за кои според војничката одора, се верува дека припаѓаат на личната гарда на Александар. Се претпоставува дека овие луѓе останале во гробницата живи, за одвнатре да го затворат приодот кон неа, избуткувајќи го камениот блок на влезот од тунелот.
Директорот на Државниот инспекторат на Република Македонија, како и експертите од Народниот музеј, во својата заедничка изјава објавиле само дека во криптата бил пронајден доста добро сочуван костур во полна борбена опрема со златно бронзен оклоп и со штит и маска на кои било врежано името Александар. На новинарите потоа им било кажано дека во попладневните часови ќе биде одржана конференција за печат на која подетално ќе бидат објаснети резултатите од ова откритие. Изјавите меѓутоа дојдоа само од работниците кои се всушност и најзаслужни за ова откритие.
Васил Делчев (геометар): Требаше да се направи дополнителна дренажа на теренот поради тоа што локалитетот се наоѓа во непосредна близина на езерото Горско. Пред тоа моравме да ја испитаме влажноста на теренот. Веќе при вадењето на втората сонда наидовме на проблем, не можевме да влеземе во земјата подлабоко од еден метар. Мислевме дека е некој камен па го откопавме за да продолжиме со работа, и оп чудо.
Тодор Стојановски (багерист): Знаете сите мои претци се родени тука во Митковско, и татко ми и дедо ми, сите. Никој не ни сонуваше што ние ораме тука. Што да кажам, освен дека сум горд што сум роден тука и дека баш ние го пронајдовме гробот на Александар Македонски.