Болдираното е за слепци како тебе...
Коментари и Дебати
Каде бевте студенти!
Автор: Александар Дамовски
Архитектурата е уметност на обликување на просторот. Ликовна уметност со практична намена. Архитектурата е и наука и уметност на планирањето и изградбата на објекти. Луѓето што се занимаваат со архитектура се викаат архитекти. Младите што студираат архитектура се викаат студенти по архитектура. Архитектура не е исто што и градежништво. Има градежни објекти, но има и архитектонски велемајсторства. Има и студенти по архитектура и архитекти и урбанисти. Има и зградари, нова категорија градежници чија задача е само градење згради.
Сето ова го има во Скопје. Има и архитекти, и професори, и градежни инженери, и архитектура и градежништво и зградарство и зградари.
Навистина би бил среќен кога дел од овие категории луѓе што велат дека се занимаваат или навистина се занимаваат со обликување на просторот во кој живееме би биле многу поприсутни во јавноста од оној несреќен саботен протест за и против црквата.
Да се разбереме. И јас, со моето скромно познавање на архитектурата и чувство за урбанизам, мислам дека на плоштадот на главниот град на Македонија, Скопје, му нема место за објект. За каков било објект. Било тоа да е црква, трговски центар, деловен објект или, ако сакате, дури и катна гаража. Едноставно нема место, нема простор, воздух, ќе нема движење, ќе нема комуникација, плоштадот ќе се задуши...
Ама на истиот тој плоштад мислам дека немаше место и за трговскиот центар „Лумикс“. Во почетокот на изградбата на тој објект, освен станарите од соседната зграда, не видов ниту еден студент како протестира.
По градов немаше многу простор и за разни други градби, ама се изградија. И на поставувањето на камен-темелникот на тие грдосии од градба не протестираше никој друг освен комшиите и засегнатите помали групи на граѓани на кои овие објекти им ги узурпираа зеленилото, светлината, детското игралиште... Не видовме ниту една група студенти, група архитекти, урбанисти, здружение на архитекти да го кренат гласот против тоа. Молчеа или, пак, негодуваа само во своите затворени кругови, озборувајќи ги колегите што го добиле проектот за таа градба.
А токму тие категории на луѓе, професионалци, еснафи, се најповиканите што требаше и треба да ги отворат сите тие прашања. Тие се тие што треба(ше) да го кренат гласот против превласта на зградарите над архитектите и урбанистите. За жал, сите тие молчеа и така молчешкум го дочекаа овој хаос од објекти, овој хаос од урбанизам, ова вистинско силување на Скопје, кое се направи во последниве години. Па Скопје не е силувано еднаш, не е силувано двапати. Скопје почнаа да го силуваат уште од 1970-тите, а меракот тоа да се прави особено зачестено почна во почетокот на 1990-тите.
Треба ли примери? Еве само неколку. Каде беа студентите по архитектура кога почна, кога беше во тек и кога речиси се заврши онаа грдосија од градба покрај стадионот во градскиот парк. И со овој објект, кој не е верски, граѓаните на Скопје и навивачите на Вардар имаат сериозен проблем со движењето, со комуникацијата, со просторното осмислување...
Каде беа архитектите и студентите по архитектура кога скопската населба Дебар Маало се претвори во вистинска грдосија од населба со згради, згради и само згради, населба без паркинзи, населба без зеленило, без детски игралишта, населба без дворови, населба во која балконите од две згради се на оддалеченост од нецели два метра, населба на станови без поглед и светлина. Му треба ли уште на некој скопјанец доказ, фотографија, за балконите надвиснати над колите што под нив чекаат на зелено светло на семафорите од улицата под нив во населбата Кисела Вода.
Зградарите и нивните го претворија Скопје во вистинска архитектонска џунгла, урбано безредие, калакурница. И сето тоа се направи според словото на законот и на секој таков документ е потпишан и понекој архитект, понекој урбанист, понекој професор. Сè е законски. Нè убедуваат сите градоначалници во еден глас, правејќи нè слепи на очи за она што го гледаме пред нас и за она што и најнеписмениот го гледа и го чувствува.
Вака студентите по архитектура од саботниот протест сами го оставија просторот за лепење етикети за нивната политичка инструментализација и манипулација.
За ум, за утре, кога заедно ќе треба да излеземе и да протестираме против бизнис-интересите и корупцијата, а за убаво урбано Скопје!