Интервју: Љубе Бошкоски, бивш кандидат за претседател
Груевски нека си формира нова партија
Љубе Бошкоски, независниот кандидат за претседател, кој не влезе во вториот круг, тврди дека нема да се пазари со освоените гласови во првиот круг. Бошкоски вели дека нема да ги повика своите гласачи да гласаат ниту за Љубомир Фрчкоски ниту за Ѓорге Иванов, кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Тој демантира дека во скоро време ќе формира нова партија и вели дека засега нема намера да ја напушти матичната партија ВМРО-ДПМНЕ, иако не го признава сегашното раководство, на чело со Никола Груевски.
Дали Вие ќе ги повикате Вашите гласачи во вториот круг да гласаат за еден од двајцата кандидати, на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ?
Апсолутно не. Нема да правам пазар со гласовите на граѓаните што ми дале доверба. Јас го почитувам гласот на граѓанинот и тој за мене е најголема светост, а не средство за пазарење. И сметам дека е крајно време да престане таа негативна практика политичарите да се пазарат со гласовите на граѓаните. Друга причина што не ми дозволува да ги повикам моите гласачи да гласаат за еден од кандидатите е тоа што и двајцата - и Фрчкоски и Иванов - се од сдсмовска провениенција. Јас немам ништо против нив, но тоа сепак се идеолошки профили што се сосема спротивни од мојот политички концепт и убедувања.
Вие се сретнавте со претседателот Бранко Црвенковски. Дали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ досега Ви понудиле некаков договор, а за возврат од Вас да ги побараат освоените гласови од првиот круг?
Јас можам да разговарам со сите, но не и да преговарам за гласовите на граѓаните. Точно е дека се сретнав со Бранко Црвенковски и навистина не гледам никаков проблем во тоа. Тој е претседател на Македонија. Јас дури можам од куртоазија да се сретнам и со Никола Груевски, зошто да не? Со Црвенковски разговарав за досегашниот тек на изборите. Јас му предочив дека сметам оти изборите се недемократски од самиот почеток на кампањата. Тоа што на овие избори немаше убиства не значи дека изборите биле демократски. Не е демократски да потрошите 20 милиони евра државни пари за политички реклами. Не е демократски Владата да користи медиум како портпарол, како што е случајот со телевизијата „Сител“.
Освоивте 145.638 гласа и малку недостигаше Вие да влезете во вториот круг?
Да, да не ми ги украдеа гласовите. Јас освоив над 200.000 гласа и се сметам за морален победник. Државната изборна комисија сè уште не ми дозволува да извршам увид во неважечките гласачките ливчиња. Народот ми ја даде довербата и јас сум му бескрајно благодарен. Не знам зошто некој во оваа држава толку многу се плаши од Љубе Бошкоски.
Во јавноста и во политичките кругови се шпекулира дека по изборите ќе ја напуштите матичната партија ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе формирате нова политичка партија?
- Јас ништо не постигнав сам. Сè што постигнав го постигнав со помош на граѓаните и на нивната волја. Доколку одлучам да формирам политичка партија, тоа ќе биде само ако граѓаните го побараат тоа од мене. Значи пак ќе одам на терен да се консултирам со народот и само со народот. Јас имам политичка партија на која и припаѓам. Проблемот е што таа партија нема политичко раководство. Во моментов со ВМРО-ДПМНЕ раководат лица од СДСМ. Јас навистина не знам зошто на Никола Груевски толку многу му се брза јас да формирам политичка партија. Не знам од што толку многу се исплашил. Би му порачал да си замине од ВМРО-ДПМНЕ и самиот да си формира нова партија.
Кои се Вашите цели на политички план?
Јас нема да мирувам. Веќе од следната недела заминувам во дијаспората. Да ги запознаам Македонците низ светот за ситуацијата во родната земја Македонија. Да им објаснам што се прави во нивната држава, да ги запознаам со текот на изборите, со економската состојба. Да им кажам дека оваа влада ќе падне, и тоа многу скоро. Сè е минливо, само Македонија е вечна.