Грците ги користат изјавите на Бранко во своја полза!
Претседателот наместо да работи во интерес на државава во насока на формално да се потврди и од Судот во Хаг дека Грција ја прекршила Времената спогодба, тој и дава материјал за предметот на официјална Атина кој најмалку и оди во прилог на Македонија
Претседателот Бранко Црвенковски продолжува со лошата пракса да дава изјави кои не одат во прилог на државава. Сега на ред се оние кои се однесуваат на грчко-македонските односи, поточно тужбата што ја покрена Македонија против Грција поради непочитување на член 11 од Времената спогодба. Поточно, тужбата е затоа што Грција се обврза да не ја блокира Македонија во евроатлантскиот процес, а го прави спротивното. Неговите изјави се на штета на државава во процесот пред Судот. Надлежните и вклучените во овој предмет од македонска страна си ја гледаат работата и не и даваат никаков материјал на Грција. Тоа е вообичаено и пракса кога станува збор и за другите спорови пред Судот. Значи додека Македонија го подготвува документот за писмениот дел од расправата пред Судот на правдата во Хаг за предметот против Грција, Црвенковски со изјави во јавноста, го прави токму спротивното, и дава материјал на официјална Атина. Наместо ова тој би требало да даде придонес за формално да се потврди од Судот на правдата дека Грција не ја почитува Времената спогодба. Неговите изјави како што јавуваат медиумите во Грција, тамошните власти подготвувајќи се за писмената расправа, ги документираат за доставување до Судот на правдата. За чекорите што се прават во земјава, таа има целосно право. Официјална Атина не ги одобрува, а Црвенковски наседнува на грчките провокации.
-Ако се додадат оние потези што ги направивме пред Нова година, јас би ги нарекол на глупост да одговориш со две глупости, значи на некоја провокација од Грција да наседнеме и да правиме дополнителни грешки, како што беше именувањето на автопатот, именувањето на стадионот, именувањето на неизграден аеродром, значи потези од коишто ние немаме никаква корист, а од друга страна имаме голема штета, бидејќи го уриваме сопствениот меѓународен углед, изјави неодамна Црвенковски.
За името претседателот се огласи и од Бугарија каде е во официјална посета. Овој пат говореше за преговорите што се водат под покровителство на Обединетите нации и продолжуваат денеска во Њујорк. "Македонија е подготвена да бара решение, но не е подготвена да трпи диктат од Грција" рече Црвенковски додавајќи "ако Македонија сака да стане членка на евроструктурите, логично е, дека треба да постигне компромис со Грција, дали таков компромис е можен, зависи и од Грција".
Дека на Црвенковски ова не му е прв пат говорат и други примери. На приемот што го организираше неговиот кабинет во јануари за дипломатите акредитрани во земјава тој наместо да ја потенцира целосната посветеност на Македонија за вклучување во евроатлантските структури, говореше за неподготвеноста на државава. Значи повторно како лидер на социјалдемократите, а не како претседател на државата. Тој рече дека Македонија го нема формулирано вистинскиот одговор по новонастанатата ситуација, или недобивањето покана за НАТО со сите исполнети услови. "На самитот одржан во април минатата година Република Македонија иако ги исполни сите поставени услови, сепак, не доби покана за членство во НАТО. Преседанот од Букурешт не соочи со комплетно нова политичка реалност за која се уште, како држава, го немаме формулирано вистинскиот одговор", рече тогаш Црвенковски. Тоа го кажуваше пред неговите гости, дипломатскиот кор во земјава. Но, дека и за тоа не беше во право, има аргументи. Како прво, надворешно-политиката стратегија е воспоставена и вели дека целта е јасна, Македонија да стане полноправна членка на НАТО и Европската унија. Второ, на ова се работи континуирано и интензивно.
Но, ваквото однесување и изјавите на Црвенковски се вообичени за него, за човек кој мисли само за себе и само за својата кариера. Тој подолго време покажува, дека наместо како шеф на државата, настапува како лидер на социјалдемократите.
УТРЕШЕН ВЕЧЕР