Овче Поле и Торус сефте на фајнал фор
Покрај светиниколци и Торус, меѓу најдобрите четири се Фени и Вардар о., а првпат во завршницата нема да играат Работнички и МЗТ Скопје
Вардар осигурување, Фени индустри, Овче Поле и Торус се четирите учесници на фајнал фор-турнирот, на кој на 26 и 27 март ќе се одлучи годинашниот освојувач на Купот на Македонија во машка конкуренција.
Засега само Овче Поле поотворено најавува учество на лицитацијата за организација на завршницата во Купот. На фајнал форот првпат ќе ги нема Работнички и МЗТ Скопје, кои заедно имаат 11 титули во купот, а нема да учествува ниту ланскиот победник Амак СП. Овче Поле и Торус се првпат на фајнал фор.
- Откако го минавме Работнички, амбициите ни растат. Целта ни е да бидеме домаќини на Купот и да се обидеме на градот Свети Николе да му донесеме пехар иако сме многу млада и неискусна екипа.
Во ситуација кога многу клубови се борат со беспарица, мислам дека можеме на домашен терен во купот да стигнеме барем до финалето - рече тренерот на овчеполци, Ангел Љутков.
ГРАДСКИОТ ПАРК ПАДНА ПРЕД ОВЧЕ ПОЛЕ
Овче Поле за првпат во своето постоење славеше во „Градски парк“ против Работнички, со 70-68, и така се пласираше на фајнал форот откако го доби и првиот меч со најтрофејниот клуб. Работнички највисоката предност ја имаше 10-7 и 61-58, но во двата случаи гостите одговараа со серии од 6-0 со кои ја уништуваа надежта на скопјани дека можат да дојдат до потребната победа од барем 15 разлика.
- Ова ми е најдрага победа во кариерата. Многу ја посакувавме победата, затоа беше малку тензично во последните две минути. После двата тајмаута се стабилизиравме и во пенал завршница го добивме мечот. Тешко е брани противник кој има само еден повисок играч. Задоволен сум од играта на мојата екипа, но има уште нијанси кои треба да се поправат посебно во одбраната. До дуелот со Вардар Осигурување дома можеме да се подобриме, би сакал и Суперлигата да ја почнеме со триумф - додава Љутков. На овој меч немаше компјутерска статистика, но според статистиката на записничката маса, Ристиќ со 20 поени беше најефикасен кај Овче поле, а во поразената екипа прв стрелец беше Станимировиќ со 18.