Кордон на ЕБР, многу полиција, мостот Обединети нации 4 часа беше блокиран, полицијата се обидуваше да ги смири разлутените жители на скопско нерези кои денеска беа жртва на навивачката група Комити.
Попладнево повеќе од стотина Комити на пат кон стадионот Ѓорче Петров со камења тепале жени и деца во општина Карпош. Во нападот никој не ги спречил, откако позади себе оставиле хаос заминале на натпревар. Четворица жители на оваа скопска населба завршиле со повреди во болница. Искршени возила, малтретирани и исплашени луѓе не пречекаа во Нерези.
На стадионот Комитите навиваа, не сакаа да зборуваат за нередот кој го направиле кај мостот Обединети Нации, беа лути на полицијата зошто на влезот од стадионот им уапсила десетина пријатели. Не го гледаа ниту финишот на Вардар со Македонија Ѓорче Петров, сега со полициска придружба тргнаа кон центарот на Скопје.
На мостот попуст беше обидот на пратеникот од ДУИ Сафет Незири да ги смири револтираните жители, на населбата, кои направија блокада на мостот. Ги чекаа тепачите, носеа метални шипки, стапови, секири. Но и покрај големото полициско обезбедување ситуацијата сепак излезе од контрола. Камења летаа од сите страни, тепачите и тепаните сега си ги одмеруваа силите, специјалците набљудуваа.
Градоначалникот на општината, побара одговорност од полицијата, зошто не ги придружувала Комитите кога оделе на натпревар.
Не можам да сфатам како можела полицијата да дозволи толкава толпа на луѓе да с движи без обезбедување, и кога дошло до инцидент полицијата да стои на страна, и да го набљудува случајот“, вели Јакимовски, градоначалник на Карпош.
Од МВР соопштија дека десетмина од навивачката група Комити биле повикани на информативен разговор ,против сите лица учесници во нарушувањето на јавниот ред и мир ќе бидат преземени соодветни мерки. Ќе одговараат и комитите но и дел од жителите на Карпош кои покрај полицијата се обидоа да делат правда.