Република Северна Македонија
Нимиц попушти пред грчкиот притисок и наместо предлог, денеска повторно се врати на пакет идеи кои нема да бидат заведени како формална претставка во ОН. Со тоа на Грција ̀и даде шанса да калкулира со предлогот, кој не е во стилот „земи или остави“ и во недоглед да го одолговлекува процесот на преговори.
Не помогна ниту притисокот на Стејт Департментот, кој пред неколку недели инсистираше дека спорот мора да влезе во своето финале. Притоа, медијаторот Нимиц дури и негираше дека воопшто бил во контакт со претставници на американската администрација.
„Нема да навлегувам во тоа, за мене е тоа нешто за што двете страни треба да размислат сериозно, како основа за договор. Убеден сум дека ќе го сфатат тоа сериозно. Одлуката за надминување на разликите зависи од двете страни. Како што реков, им дадов идеи, кои според мене се достоинствени и прифатливи“, изјави медијаторот Нимиц.
Ваквата непрецизност во денешниот настап на Нимиц дава многу мала можност да се затвори спорот со соодветна Резолуција на Советот за безбедност, со извештај на генералниот секретар Бан ки-Мун и со билатерален договор меѓу Македонија и Грција, со кој ќе се обезбеди влез во НАТО до Нова година.
Според грчки извори, Василакис на средбата испратил сигнали дека Грција останува во преговорите и дека сериозно ќе го разгледа предлогот, но А1 дознава дека доцна вечерва е најавено официјално соопштение во кое Атина ќе изрази негативни оценки за сугестиите на Нимиц.
За разлика од Атина, за Нимиц предлогот е достоинствен и фер.
„Јас ги сметам за идеи, употребете збор којшто сакате, на кој било јазик. Соломон бил крал, тој давал наредби, можел да прави поделби, никогаш не сум дал таков совет. Но, не сум ни крал, немам надлежност, јас сум медијатор. Тоа што ќе се случува во иднина зависи од двете страни“, вели Нимиц.
„Најдобро ќе биде ова да се реши веднаш и да се продолжи со позитивни работи во регионот. Иднината ќе се погрижи за себе, не се грижам за иднината“, додаде Нимиц.
Според неофицијални извори, во предлогот се споменува едно име, „Република Северна Македонија“, но нема решение за таканаречените идентитетски прашања.
Неофицијално се вели дека индиректно Нимиц, овие прашања ги остава за Секретаријатот на ОН, каде за јазикот е јасно дека мора да биде македонски, а копјата ќе се кршат со националноста, која треба да биде крстена според името на државата за меѓународна употреба, доколку дојде до договор.
Грција одбила земјите коишто веќе не признаа под уставното име да имаат право сами да решаваат за името. Според грчкиот претставник Василакис, Грција нема намера да влезе во дипломатска битка и убедување на 124 земји кои го прифатија уставното име на Македонија.
Според информациите на А1, во дел од точките на предлогот се дава право на сите ентитети од историска Македонија да можат да го користат терминот „Македонија“, при што се сугерира дека и северната грчка провинција има право на називот „Македонија“.
Неофицијално, според предлогот, во рок од три месеци, двете земји ќе треба да ги завршат формалните процедури за транзиција кон евентуален договор, а терминот „Македонија“ или „macedonian“ не можат да бидат користени на ексклузивна основа за комерцијални цели.