ФФМ ќе го помилува „лојалниот“ Турново?
Македонскиот фудбалски прволигаш Хоризонт Турново веројатно ќе куртули од одземање бодови поради неоправдано неодиграниот првенствен натпревар со Металург од 14. коло, кога како дел од бојкотот, клубот од струмичкото село одби да патува на теренот во Автокоманда
Во 14. коло, Турново, заедно со Пелистер, Слога Југомагнат и Македонија ЃП решија да бојкотираат и да не играат поради реизборот на Харалампие Хаџи-Ристески за местото претседател на ФФМ, но „дружбата“ им траеше само една недела, зашто за наредното коло Пелистер и Турново се премислија и се вратија во системот за натпревари.
Пелистер многу вешто ги изигра преостанатите, откако се појави со задоцнување на стадионот во Куманово, па за нив не може да се поведе дисциплинска постапка, со оглед на тоа што прекршокот е само неоправдано доцнење. Но Турново, според сите правила на ФФМ, покрај тоа што го загуби мечот со службен резултат, треба да добие дополнителна казна одземање најмалку три, а најмногу девет бода. Во членот 52 од дисциплинскиот правилник пишува дека екипа што неоправдано нема да настапи на првенствен натпревар се казнува со одземање од 3 до 9 бода и парична казна од 2.500 евра кога станува збор за прволигаш.
Но, како што дознаваме, ФФМ нема да му одземе бодови на Турново, од страв да не ги натера повторно да бојкотираат, но и поради тоа што ветувањето оти ќе бидат „оставени на мира“ било главно во убедувањето да се вратат во системот на натпреварување. Сепак, за таква одлука, секој клуб ќе има право да се жали како трета странка, поради непочитувањето на правилниците.
Претседател на Хоризонт Турново е Орце Тодоров, довчерашниот член на УО на ФФМ, а неговиот клуб најмногу може да заработи од исклучувањето на Македонија ЃП, оти ѓорчепетровци беа нивен најголем конкурент во борбата за пласман во Евролигата. Сега, по одново скроената табела, на Турново конкуренти му се и Металург и Пелистер.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1229112341&id=19&setIzdanie=21852