Оф мори мајко...
Како бе не троши гориво кога кочиш моторно? Не е малку нелогично?
Е...
Ако размислиш малце поубаво ќе видиш дека е уште понелогично да троши гориво. Кога си во удолница моторот го врти удолницата, гравитацијата. Доколку, ајде, и препоставиме дека гориво сепак се троши (а не се троши) тогаш треба да одговориме на прашањето на што се троши горивото? Каде оди тоа гориво? На што се троши енергијата при неговото согорување? Трошењето на гориво при моторно кочење лесно се сведува на апсурд (Reductio Ad Absurdum метод).
Вистината е дека кога кочиш моторно моторот не троши гориво и крај.
Интересно е да се споредат техничките решенија за тоа нетрошење на горивото кај старите (карбуратор) и новите (инџекшн) мотори.
Кај постарите мотори кога колата кочи моторно пумпата за гориво сеуште пумпа гориво од резервоарот кон моторот, но со еден дополнителен вод истото гориво се враќа назад во резервоарот. Дали ќе биде ангажиран тој вод одлучува возачот со тоа дали ќе притисне на папучата за гас или не. Ако не притиска тогаш во цилиндрите на моторот не влегува ич гориво - само воздух. Свеќиците пецкаат во празно (чист воздух без гориво).
Кај поновите мотори ситуацијата од механички аспект е многу поедноставена. Кај нив постои едно компјутерче (ECU - Engine Control Unit). ECU-то и
само ECU-то одлучува дали и колку гориво ќе се внесе во смесата/цилиндрите. Нa него се врзани десетина или повеќе едноставни сензори кои ја следат работата на моторот низ повеќе параметри од кои најважни за муабетов се проток на воздух, притисок на папучата за гас и вртежи. Доколку има вртежи (над минимумот за idle) а нема притисок на папучата за гас ECU-то просто го исклучува доводот за гориво и не ги пецка свеќиците.
Сето ова важи за моторно кочење - кога инерцијата (а не горивото) е генератор на кинетичката енергија. Кога моторот работи во лер - тоа е сосем друга приказна неповрзана со оваа. Тогаш моторот троши гориво бидејќи треба да се врти, треба струја за свеќиците да се прави, треба пумпата за масло да работи... едно чудо работи треба да работат а нема никаков надворешен инпут на енергија (за разлика од моторно кочење). Тогаш сиот овој енергетски „товар“ паѓа на резервоарот.
P.S. (се обраќам на сите „удолница-у-лер“ тиквари) Не возете во удолница во лер ко некои глупи тинејџери: опасно е, а ништо не се добива! Инструкторот не ти објасни дека не треба така? Татко ти не ти кажа? Колку повеќе возење во лер - толку повеќе венчиња и цвеќиња во вазни покрај патот. Запамти:
во која брзина ја качуваш угорницата секогаш во истата брзина ја симињаш! Нема тука трте-мрте вака-сакам-онака-неќам.