За среќа на фановите, се беше одлично режирана претстава за нејзиниот прв самостоен концерт.
Значи вака: синоќа во Метрополис Арената на Скопско Сајмиште, Елена Ристеска одржа голем солистички концерт, промовирајќи ги своите најголеми хитови и многу гости, кои на некој начин се поврзани со нејзината куса, но мошне успешна кариера.
Пред почетокот, обожавателите можеа да се загреат на ретро-журката со познатите хитови на странските пејачи. Исто така на влезот на арената, посетителите можеа да се послужат со храната поставена во чест на славата Свети Никола.
Откако ДЈ Панчо ја најави Елена, полициските светла зрачеа низ целата арена и почна добро познатата мелодија на песната 192.
Елена беше во улога на полицајка, а кога заврши песната, го соблече својот полициски капут и продолжни да ја пее песната Не можам во кратко фустанче.
Танчерите ја придружуваа цело време.
Како што веќе пишувавме, беше одржана аудиција за сите заинтересирани млади момчиња и девојки кои сметаат дека знаат убаво да испеат некоја од песните од репертоарот на Елена и Емилија и Лаура кои беа одбрани на аудицијата, ја испеаа Нинанајна со ѕвездата на вечерта.
Потоа Елена продолжи сама со песната Рај и пекол, па момчињата и девојките во публиката се натпреваруваа – кој може посилно да вриска.
Кога сме кај публиката, таа беше исполнета со луѓе од сите генерации – од оние најмалите, па се до бабите и дедовците, кои не престануваа да пеат со Елена. Тоа е уште еден доказ за популарноста на оваа македонска ѕвезда.
Таа продолжи со, како што и сама кажа, една од нејзините најдраги песни, ако не и најдрагата, песната Она другото, со која всушност и започна нејзината кариера.
После следуваше Ден и ноќ, исто така една од нејзините први песни, па Елена заедно со Супер Ѕвездичките ја испеа песната Не сакам да кријам.
Потоа Елена ја почести публиката со краток денс на песната Crazy in Love од Beyonce и без тешкотии направи мост на сцената.
Следен гостин беше Ламбе, кој ја испеа Море од Солзи, а потоа, кога Елена се пресоблече и дојде на сцената во долг фустан со златна боја, им се придружи и Врчак и ја испеаа На некои други светови.
Следуваа Ромео и Јулија и Ни на небо ни на земја, па на сцената дојде Snow Black и со Елена ја испеа Come and get me.
Додека Елена се пресоблекуваше, публиката ја забавуваше Лео од Roger Brothers, кој уште го нарекуваат и македонски Мајкл Џексон.
Кога се врати Елена на сцената и ги изведе темите Кревета два и Некаде далеку, на неа и се придружи Туна со која ја испеа Најди ноќ, најди ден, најди време.
После Туна на Елена и се придружи Врчак кој и помогна додека таа ја пееше Милионер, па потоа Регина изведе неколку песни, за на крај да им се придружи Елена и заедно да ја исполнат Љубав није за нас.
Потоа Елена ја изведе Есен во мене и Усни како темно мастило, песна која ја посвети на публиката, па и се придружија Паркети со кои го изведе хитот Сакам да те галам, а тие ја изненадија со подарок – се соблекоа и на боксериците кои ги носеа го пишуваше нејзиното име.
Елена ја испеа и англиската верзија на Нинанајна, а потоа придружена од КУД Кочо Рацин ја изведе Море сокол пие, потоа повторно 192, а за крај на вечерта беше предвидена Јовано Јованке.
Нејзините фанови заминаа од арената со пофални зборови, а ние и посакуваме на Елена уште многу успешни концерти!