Една вест од 24 јули 2008 Утрински весник
Во Овчеполието ќе никнат 90 ветерници
Договорот вчера гопотпишаа Дејвид Браун, претседател на компанија ЕИЏ, и градоначалникот на Свети Николе
Иван Бојаџиски
Штип -
Деведесет ветерници со вкупен производствен капацитет на 200 мегавати електрична енергија ќе бидат инсталирани во Овчеполието во наредните две години.
Вредноста на инвестицијата изнесува 360 милиони евра. Инвеститор е израелско-британската компанија ЕИЏ. Договор за оваа инвестиција во овој земјоделски крај вчера потпишаа Дејвид Браун, претседател на компанија ЕИЏ и Слободан Даневски, градоначалник на Свети Николе.
Овчеполието е еден од најпогодните региони на стариот континент за производство на струја со искористување на енергијата на ветерот, констатирале во компанијата ЕИЏ по подолго анализирање на сателитските полиња на ветер во Европа. „ Ние сме сериозна фирма која располага со голем капитал, а последниве шест години континуирано инвестираме во искористување на алтернативните енергетски извори. Во Полска имаме ветерници со јачина од 600 мегавати, а сега сакаме да инвестираме во Македонија зашто енергетските потенцијали на вашата земја, посебно во Овчеполието и источните краишта, се импозантни“, изјави Браун.
Од ова компанија најавија дека за околу шест месеци на три локации во Овчеполието ќе започнат да ги инсталираат првите ветерници. Во реонот на селото Павлешинци ќе бидат инсталирани 14, во Стањевци десет и на Богословец седум ветерници. Другите ќе бидат инсталирани во рок од две години на неколку други, ветровити локации во овој регион.
Според градоначалникот Даневски, во овие предели ветерот е константна појава со средна јачина од осум метри во секунда, што без проблем може да придвижи ветерница со јачина од два мегавата. Браун и Даневски изјавија дека во целиот процес ќе им работа за многу домашни фирми. Оваа голема инвестиција, според двајцата потписници на договорот, ќе имала значајно внимание на вработувањето и на подобрувањето на вкупната економија на Свети Николе.
Дејвид Браун помппезно најави уште позначаен, дури неверојатен проект. Тој потенцира дека во компанијата најсериозно ја рагледувале можноста во југоисточниот дел на Македонија, од Овче Поле до Богданци, да инсталираат системи за соларна енергија за производство на струја. Во овој проект тие биле подготвени да инвестираат една милијарда евра. Браун не сакаше повеќе да открие за проектот, најавувајќи дека тоа ќе го сторел откако сите дилеми ќе биле расчистени во рамките на компанијата.