Борби во Јужна Осетија, тројца ранети
Тбилиси /07/08/ 18:00
Борби од големи размери се водат во Јужна Осетија, грузиската побунета република, при што уништено е едно оклопно возило на грузиските сили, а ранети се три лица.
„Во овој момент се водат борби од поголеми размери во близина на селото Авневи, изјави Чота Утиашвили, портпарол на министерството за внатрешни работи на Грузија.
Тој додаде дека борците на Јужна Осетија уништиле оклопен транспортер на грузиските сили и раниле тројца припадници на грузиските мировни сили.
Сепаратистичките власти во Јужна Осетија изјавија дека Грузијците започнале операција од големи размери на нивна територија.
„Голем број грузиски воени единици се движи кон границата на Јужна Осетија“, изјави секретарот на Советот за безбедност на Република Јужна Осетија, Анатолиј Баранкевич, пренесува агенцијата Риа Новости.
Според него, грузиските војници поставиле во областа Гора 27 системи за лансирање на ракети од типот „град“, а долж целата граница со Јужна Осетија е видливо засилено воено дејствување.
Тензиите повторно пораснаа во Јужна Осетија по смртта на шест лица во петокот. Вестите од теренот се и натаму контрадикторни, бидејќи нема независни извори за информирање.
Русија денеска ја обвини Грузија дека „подготвува воена операција“ во Јужна Осетија, нагласувајќи сепак, дека заедно со Тбилиси треба да се бара решение за излез од кризата.
Денеска и грузискиот претседател Михаил Сакашвили апелираше за безусловен прекин на огнот.