Против сите!
Скопје /30/03/ 14:41
Владеачката ВМРО – ДПМНЕ застана против сите, настојувајќи да го одложи прашањето на името до референдум. Застана против светот, евроатланските институции, сопствениот народ, држава, иднина. Партијата на власт стана опозиција, наместо да управува со државата, наметнувајќи опасни поделби и закани во овие пресудни, историски настани.
ВМРО – ДПМНЕ застана против светот, кој речиси без исклучок повикува со разумен компромис да се надмине прашањето од историско значење за иднината на Македонија, клучно за стабилноста на регионот. Застана и против НАТО и против Европската унија (ЕУ). Против стратешките определби во сопствената партиска програма, против европските перспективи и визии за кои плебисцитарно се изјасни народот.
ВМРО – ДПМНЕ застана и против ставот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како јадро на знаењето и мудроста. Против економските експерти, интелегенцијата, граѓанската опција, медиумите, новинарите.
Застанувајќи против овие определби и ставови, ВМРО – ДПМНЕ застана речиси сама против сите. Наместо власт, се стави во улога на опозиција, кон сî. Нема, притоа, објаснувања какви ќе бидат последиците за евроатланските интеграции, за стабилноста и безбедноста на државата. Не се наведени ниту причините, поради што можат да се подразберат анахрони историски и квазипатриотски флоскули.
Сe од име на народот и на демократијата, дури и до отворени закани. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се нагласува дека нема да дозволи во Парламентот да биде надгласана и дека за таа цел ќе ги „примени сите демократски средства“. Пратениците треба да ги усогласуваат мислењата под оваа закана, а пред сe со фактот дека владеачката партија управува со механизми на присила.
Застанувајќи сама против сите, со закани во име на демократијата, ВМРО – ДПМНЕ потсетува на настани од блиското минато во соседство, наместо да бега од нив. Како да заборава колку тешки и трагични последици донесоа таквите опции и дека таквите режими и лидери неславно завршија на буништетото на историјата. /крај/мф