Грчки печат: Предлогот само за основните позиции
Атина /28/03/ 09:47
Последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц ги презентира само основните позиции чии “детали“ ќе бидат предмет на преговори откако Грција ќе каже “да“ за приемот на Македонија во НАТО.
Ова денеска го пишува грчкиот весник “Етнос“, кој ексклузивно го објави предлогот на медијаторот во спорот со името меѓу Македонија и Грција.
Предлогот ги посочува основните позиции, а Нимиц всушност ги остава за подоцна “деталите“ што би биле предмет на преговори откако Грција нема да наложи вето врз поканата на Македонија во Алијансата, пишува “Етнос“.
Весникот “Елефтерос типос“ најавува дека последната можност за изнаоѓање решение за спорот околу името ќе биде в понеделник, кога Нимиц ќе го даде последниот предлог.
И “Катимерини“ оценува дека Атина е во очекување на нов предлог откако вчера стана јасно дека Атина го отфрла последниот од Нимиц.
Грчкиот премиер Костас Караманлис, цитиран од весникот “Навтемборики“, изјави дека решението за името треба да го носи печатот на ООН и на Советот за безбедност.
/крај/фо/ис
~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~
Рамсфелд: Грчки тактики на заплашување од минатиот век
Макфакс
28.03.2008 11:31
Грција го загрозува приемот на Македонија во НАТО, а со тоа и стратешкиот интерес на целата Северноатлантската алијанса, користејќи се со тактики на заплашување кои беа карактеристични за минатиот век.
Ова го посочи поранешниот американски државен секретар Доналд Рамсфелд во
авторски текст под наслов „Проширувањето на НАТО треба да продолжи”, објавен денеска во угледниот американски весник „Wall Street Journal“.
Рамсфелд сугерира Грција да го следи интересот на целата Северноатлантската алијанса и да не го попречува приемот на Македонија во НАТО наметнувајќи ирелевантен „семантички спор“.
„Грција се заканува со вето за влезот на Македонија, бидејќи Македонија одбива да го смени своето име. Иднината на Северноатлантската алијанса и нејзиниот кредибилитет како угледен политички и воен инструмент на светските демократии се премногу важни за да бидат спречени од неважни спорови околу семантиката или од тактики на заплашување кои беа карактеристични за минатиот век“, наведува Рамсфелд.
Доналд Рамсфелд
Според него, „не постои подобар начин за НАТО да оди напред од давање покани за членство на Македонија, Албанија и Хрватска“ на самитот во Букурешт.
Рамсфелд посочува дека трите балкански држави ги исполниле потребните критериуми за членство и веќе придонесуваат кон клучните мировни мисии на НАТО, повеќе отколку многу други држави членки.
„Во време кога европската посветеност кон мисијата на НАТО во Авганистан е доведена во прашање, посветеноста на Македонија, Албанија и на Хрватска е јасна. Трите балкански држави, заедно имаат повеќе од 650 војници стационирани во Авганистан, како и во мисијата во Ирак“, пишува Рамсфелд.
„Можеби најважното во врска со слабостите што ги покажа НАТО е дека Македонија, Албанија и Хрватска испратија свои војници во Авганистан и Ирак и презедоа тешки мисии коишто неколку сегашни членки на Алијансата не беа подготвени да ги преземат“, наведува Рамсфелд.
Тој укажува дека „проширувањето на НАТО со Македонија, Албанија и Хрватска, како и градењето поблиски врски со Украина и Грузија, ќе помогне за смирување на каква и да е загриженост дека Алијансата повеќе ја нема колективната цврстина за тешките задачи што и претстојат“.
„Македонија, Албанија и Хрватска денес се подготвени да ги прифатат тие одговорности. Самитот во Букурешт нуди шанса за унапредување на интересите на сите 26 членки на НАТО со проширување на Алијансата. Сега не е време за сомнежи. Сега е време за американско и европско лидерство“, заклучува поранешниот американски државен секретар Доналд Рамсфелд во авторски текст под наслов „Проширувањето на НАТО треба да продолжи”, илустриран со слика на државните знамиња на трите членки на Јадранската повелба.