Чисто информативно:
„Виножито“ испрати забелешки до Нимиц
„Виножито“, партијата на Македонците во Грција, испрати отворено писмо до посредникот на ОН во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц во кое искажува неколку забелешки во врска со неговиот последен предлог за надминување на спорот.
„Виножито“ во писмото испратено и до министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Антонио Милошоски и Дора Бакојани, и до американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, забележува на двата предлога на Нимиц „Република Горна Македонија“ и „Нова Република Македонија“.
„Во врска со „Горна Македонија“, што според медиумите е прифатливо за грчката страна, сакаме да нагласиме дека не соодветствува со досегашната официјална позиција на Атина. Ако постои Горна Македонија логично е да има и Долна Македонија. Имајќи го ова предвид како може грчката Влада да тврди дека името Република Македонија содржи иредентистички закани кон Северна Грција, а името Горна Македонија не. Јасно е дека име како Горна Македонија би можела да го охрабри иредентизмот на двете страни“, пишува „Виножито“.
Во врска, пак, со предлогот „Нова Република Македонија“, партијата на Македонците во Грција истакнува дека секоја додавка на националниот и етничкиот карактер на државата и на народот директно или индиректно влијае негативно на македонскиот идентитет.
„Ако префиксот „Нова“ е со цел да се направи разлика меѓу модерна и античка Македонија тогаш логично истото треба да се примени и на името на Грција која би требало да се нарекува „Нова Грција“ бидејќи модерната грчка држава не е исто што и античка Грција“, наведува „Виножито“.
За одредбата предложена од Нимиц за ограничување на користењето на терминот „македонски“, „Виножито“ смета дека претставува кршење на основните човекови права за самоопределување. Притоа се потсетува дека во повеќе официјални грчки документи пред 1945 година терминот „македонски“ е дефиниран како сосема различно од терминот „грчки“.
„Виножито“ затоа му предлага на медијаторот на ОН во неговиот предлог да вклучи два нови параграфа. Првиот дека „грчката држава признава постоење на различен етнички македонски идентитет што се изразува и развива во Република Македонија како различен од грчко-македонскиот културен идентитет што се развива во Грција по 1912 година кога дел од Македонија беше приклучена кон грчката држава“.
Вториот е дека „Република Македонија признава постоење на одделен и различен грчко-македонски културен идентитет како што се развива во грчката држава по 1912 година“.
Партијата на Македонците во Грција искажува забелешки и за предлогот ниедна страна да нема ексклузивно право да го користи името Македонија.
Ако се бара тоа да биде применето од Република Македонија тогаш мора да важи и за Грција, односно за нејзините региони и институции кои во својот назив имаат „Македонија“. Со префикси или со суфикси ќе треба да се сменат и имињата на регионите Западна, Централна и Источна Македонија.
Клучно прашање, според „Виножито“, во т.н. спор за името, но и за мирот и стабилноста во регионот, е да биде признат посебниот македонски идентитет како што го изразуваат граѓаните на Република Македонија и припадниците на македонското малцинство во другите балкански држави. Ова е дотолку важно ако се има предвид дека негирањето на македонскиот етнички идентитет ги втурна државите од Балканот во крвавиот балкански конфликт од 1912-1913 година.
Затоа клучно треба да биде елиминирањето на какви било иредентистички аспирации од соседните земји на Република Македонија преку заштита на етничкиот и националниот идентитет на македонскиот народ во Република Македонија и секаде во светот, му пишува „Виножито“ на Метју Нимиц.
Извори А1 ( превземено од МИА )