За сите оние што утре ке излезат на плоштадот Пела , еве еден текст од Бранко Геровски објавен во денешен ШПИЦ, за да имаат повеќе аргументи за своите ставови
ОТВОРЕНО ПИСМО ДО НИКОЛА ГРУЕВСКИ
Господине Груевски донесовте храбра и државничка одлука Почитуван господине Груевски,
Не можам да одолеам да не Ви напишам уште едно отворено писмо, иако само пред неколку дена Ви се обратив јавно. Овојпат сакам искрено да Ви заблагодарам на Вашиот одговор, кој пристигна во форма на мудра и храбра одлука да го прифатите предлогот на медијаторот Метју Нимиц како основа врз која ќе ги продолжите преговорите со Грција. Вашата определба Македонија да се врати во преговарачкиот процес за изнаоѓање компромисно решение, кое нема да го засегне нашиот национален идентитет, е државотворна во вистинска смисла на зборот.
Знам дека не Ви беше лесно да донесете една ваква, тешка одлука. Од сите актуелни и бивши македонски политичари, единствено вие и госпоѓата Радмила Шеќеринска, заедно со помладите кадри околу вас, имате морално право да се сметате за „невини“ за досегашните трагични промашувања на македонската надворешна политика во спорот со Атина. Јас мислам дека треба на тоа да гледате како на предизвик. Со оваа храбра одлука, а се надевам и со лидерството и вештината што ќе ги демонстрирате во текот на преговорите, Вие можете да го претставите новиот имиџ на младата генерација македонски политичари, од која се очекува да ги скине прангите на опсесијата со нашето минато и да граба кон иднината.
Затоа, би сакал да Ве замолам во овие деликатни моменти многу повеќе да им верувате на сопствената интуиција и на советите на добронамерниците, отколку да Ве фасцинираат лажните аргументи и неоправданите стравови што ги шират луѓе што сакаат да ја измијат сопствената совест, бидејќи Македонија во овој спор ја доведоа во ќор-сокак. Тезата „ова е најлошиот предлог што сме го имале досега“, чиј автор е претседателот Бранко Црвенковски, е фрлена во етерот со една бизарна цел - еден ден, кога ќе се најде решение за спорот и кога ќе се бара „виновникот“ односно „предавникот“, прстот да се насочи кон Вас лично. И тезата дека во предлогот имало „црни дупки“, кои Вие наводно сте ги превиделе (бре!), е смислена за да се оспори Вашата лична компетенција. Се разбира, хорот е збогатен и со плачливите гласови на разни медиумски мегафончиња и путинки супербабички, чии конфузни реакции на лутина и бес, претпоставувам, се изворни пројави на македонскиот фолклорен радикализам.
Како човек што безмалку секојдневно Ве критикува, можеби имам малку повеќе од другите право да Ви го кажам следново: немојте да се плашите од ваквите напади, немојте да ги преценувате овие луѓе, кои освен што сакаат со Вас политички да се пресметаат (што е легитимно, разбира се), лечат и сопствени длабоки фрустрации. Црвенковски самиот призна, а ќе признаат и пронаоѓачите на „црните дупки“, дека во последнава деценија навистина имаа многу добри можности да дадат свој креативен придонес во надминувањето на долгогодишниот спор со Грција. За жал, наместо тоа, тие се определија за „политиката“ што ја креираше стариот лисец Глигоров - глумење преговори. Тие никогаш немаа храброст да поведат вистински, суштински преговори со Грција и да одговорат на меѓународно преземените обврски. Сега, од лагодната позиција на суфлери, го оспоруваат мандатот на Нимиц (?!) и не опсипуваат со „аргументи“ кои не се ништо друго освен обични манипулации.
Секој човек што нормално логицира може да ги препознае таквите шпекулации. Еве еден пример за тоа: реченицата во предлогот со која на двете им се одзема ексклузивитетот во користењето на името Македонија логично може да значи само едно - дека секој може да го користи тоа име и атрибутите што произлегуваат од него, но не смее да каже дека другиот нема право да го стори истото. Таа позиција, се разбира, нам суштински ни одговара. Но, бидејќи некому во Скопје не му одговара предлозите на Нимиц да ги читаме така како што се напишани, се предат приказни дека со тоа ние го губиме идентитетот, дека за употребата на името и на атрибутите ќе се преговара во ООН и слични глупости.
Но, не би сакал во ова писмо да навлегувам во материјална расправа за предлогот на Нимиц. Вие, господине Груевски, заедно со другите политички лидери, одлучивте ставот на Македонија да не се образложува јавно и за него да не се дебатира. Тоа е исправна одлука и јас лично ќе ја почитувам. Во оваа пригода би сакал само да Ве охрабрам да преговарате храбро и креативно, носени од мислата дека успешниот исход на преговорите за сите ќе биде големо олеснување - за Македонија, за Грција, но и за нашите пријатели во НАТО и ЕУ кои во април треба да донесат важна одлука. Нема сомневање дека агитпроповските труби ќе трубат за велепредавство, но верувајте, тоа ќе трае сосема кратко. Луѓето во Македонија брзо ќе ги почувствуваат благодатите од окончувањето на спорот, дотолку повеќе што нашата земја ќе ја зајакне својата меѓународна позиција, ќе стане членка на НАТО, ќе напредне во преговорите со ЕУ и од Нова година, дај боже, ќе бидат укинати визите.
Би сакал и Вас, но и моите читатели, да Ве потсетам на еден исто така тежок и деликатен спор што беше успешно окончан за време на владата на Љубчо Георгиевски, во која Вие бевте министер. Денеска многу луѓе едноставно не се сеќаваат дека Македонија имаше т.н. јазичен спор со Бугарија. Како беше решен тој спор? Македонскиот јазик беше дефиниран како „уставен“ (фрапантна сличност со предлогот „Уставна Република Македонија“, зарем не?). Компромисот прилично јасно ја рефлектира бугарската позиција, според која, македонскиот јазик, како и македонската нација, се измислени. Ние бевме принудени да се согласиме дека јазикот ни е „измислен“ со Уставот на Република Македонија. И ете, бидна што бидна. Имаме ли ние денес јазичен или каков било друг непремостлив политички проблем во односите со Бугарија? Пропадна ли македонскиот јазик поради тоа што направивме компромис? Не.
Знам, господине Груевски, дека не отстапувате од идејата за референдум. Јас веќе ги изложив своите аргументи против таа идеја, но во ова писмо не сакам да Ве убедувам. Како и да е, Вие мора да бидете свесни дека дури и референдумот не ја отстранува Вашата обврска да изнесете јасен и конкретен политички став за спорното прашање. Инаку, во прилог на залагањето за општонародно изјаснување, многу се зборува за тоа дека Македонија станала независна држава со референдум и дека затоа за сите важни прашања народот треба да се изјаснува плебисцитарно. Ако е тоа точно, тогаш Вие имате обврска да организирате и референдум за тоа дали Македонија воопшто сака да биде членка на НАТО и на ЕУ. Но, морам да Ве потсетам на нешто многу поважно: една година пред референдумот за независност од 1992 година, токму Вашата партија иницира и „на мускули“ во парламентот истурка декларација со која Македонија прогласи сувереност. Ете тогаш ние станавме независна држава! Народот подоцна само ја потврди таа одлука на политичкото водство, на референдум, на кој, сетете се, имаше две прашања во едно - за среќа, второто никогаш не произведе правно дејство.
Накусо, ако баш сметате дека е нужно, организирајте и сега референдум за името. Но, сторете го тоа барем неколку месеци откако успешно ќе ги завршите преговорите. Ако така постапите, јас сум апсолутно сигурен дека народот во огромно мнозинство ќе ја потврди Вашата храбра и одговорна постапка. Верувајте, кога пред три месеци првпат осамено побарав да прифатиме компромис во спорот со Грција, сите ме пцуеја, ме навредуваа и ме напаѓаа. Денес мнозинството се залага за достоинствен компромис. Читате весници, гледате телевизија, можете и самите да се уверите дека се прекрши и поголемиот дел од т.н. квалификувана јавност - освен неколку радикали и катастрофичари, мнозинството новинари, интелектуалци и експерти денес јавно се залагаат за компромис. Тој глас на разумот ќе биде уште посилен кога ќе станеме членка на НАТО, кога ќе ги збогатиме односите со Грција и кога оваа грда приказна ќе се заборави како кошмарен сон, токму како што ја заборавивме нашата стара кавга со Бугарите.
На крајот, сакам уште еднаш искрено да Ви честитам на државничката одлуката да ја вратите својата земја во преговарачкиот процес, од чиј исход зависи дали ќе станеме членка на НАТО и ЕУ. Сигурен сум дека се водите од мислата дека влогот во оваа игра ги надминува нашите лични суети, нашите амбиции, нашите внатрешни политички нетрпеливости и недоразбирања. Ова е судбоносно време за нашата земја, за нас и за нашите деца. Сакале или не, Вие лично, согласно со Вашата неспорна политичка легитимација, доминантно одлучувате за тоа дали Македонија ќе остане маргинализирана и материјално и духовно осиромашена или ќе тргне по патот на прогресот. Затоа, одлучувајте доблесно и мудро! Така како што во ова немирно море, Вие, сепак, успеавте нашиот брод да го насочите во вистинската насока.
Пријателски поздрави,
Бранко Героски, новинар