Некои велат дека на сапунската серија толку и' опаднала гледаноста што и се наѕира крајот. Вистинско време да се прашаме: Што не сторивме, а што може(в)ме однапред да сториме за да ја избегнеме лажната дилема - „подобро ужасен крај“ (промена на уставното име), „отколку ужас без крај“ (бесконечно развлекување на спорот)?
Прво, не ја искоренивме заблудата за „привремено име“. Аргументот дека сме безимена држава е многу појак од аргументот дека имаме меѓународно „привремено име“, различно од уставното.
Како Антонио ќе ја брани позицијата дека „the former Yugoslav Republic of Macedonia“ е само дескрипција со која привремено ни се обраќаат (и тоа само во ОН) кога во својата магистерска теза тврди дека Македонија станала член на ОН под „привременото име“?
Второ, не изградивме цврста брана против „фиромизацијата“. Дури и некои наши политичари станаа жртва на заблудата дека „акронимот FYROM/ПЈРМ“ официјално се употребува во ОН. Медиумите несвесно ги дисеминираа тројанските коњи „акроним“ (скратено име) и „FYROM/ПЈРМ“ (грчка итрина за да се прикрие меѓународната употреба на „Македонија“). За жал, и во кампањата Don’t you F.Y.R.O.M. me, say Macedonia, F.Y.R.O.M. беше испечатено со огромни букви, а зборот Macedonia беше одвај читлив.
Трето, одбравме губитничка тактика дека „времето работи за нас“. Може ли времето да работи за нас во спор со држава која има малку што да загуби, која е практично во добивка со самото тоа што спорот постои и трае? Може ли времето да работи за нас кога: а) сме се согласиле да се употребува некрофилската „референца“ се' додека не се постигне спогодба со Грција околу „разликата“ во однос на името на нашата држава; б) спорот е исцрпувачки за Македонија која има мали ресурси, во споредба со ресурсите на Грција; в) спорот веќе 15 години предизвикува продлабочување на кризата на нашиот национален/државен идентитет? Ако „времето работи за нас“, како тогаш се најдовме во цајтнот пред очекуваната покана за прием во НАТО?
Најпосле, не успеавме да ја демонстрираме „силата на аргументите“, иако нема друга држава во светот (ниту федерална единица) која го носи името Македонија.
Не ги убедивме другите дека грчките приговори водат кон апсурд. На пример, ако самата употреба на името „Македонија“ имплицира експанзионистички намери, тогаш и инсистирањето на Грците да имаат „копирајт“ врз името „Македонија“ имплицира експанзионизам. Не само кон сите земји што некогаш ги освоил Големиот Александар, туку и кон сите географски локации во светот што се нарекуваат „Македонија“.
Потоа, ако поседувањето на поголемиот дел од некоја територија имплицира „семантички монопол“ врз името, тогаш САД не би имале право да се нарекуваат ниту „Северна Америка“ (Канада поседува најголем дел), а ЕУ не би имала право да се нарекува „Европа“ (зафаќа само 4.422.773 квадратни километри од „континентот“ со 10.180.000 квадратни километри).
Но, наместо рационални аргументи, нашите политичари раскажуваат прикаски дека спорот бил „билатерален“, иако нашето уставно име е отсутно на повеќето меѓународни форуми, дури и кога се организирани во Македонија. И што да се прави сега во 5 до 12? Можно ли е да се постигне „инстант“ компромис што нема да компромитира никого? Таков компромис е неможен, затоа што обете страни се веќе искомпромитирани. Дури и да се постигне некакво решение, конфликтот нема да исчезне се' додека фанатиците од обата табора застапуваат идентичен тврдокорен став - парадоксално, и едните и другите сакаат да го убедат светот дека „Има само една Македонија!“
За да се обесхрабрат фанатиците од обата кампа, треба прво да се промовираат различните значења на зборовите „Македонија“ и „Македонци“ (на македонски, грчки и на англиски). И Аристотел може да помогне со своите „хомоними“ (различни лексички единици што исто звучат, но различно значат). Имено, „Македонија“ како држава и „Македонија“ како територија (или провинција, град, планина, остров итн.) се хомоними како и зборовите „Македонци“ (географски идентитет), „Македонци“ (етнички идентитет), и „Македонци“ (национален/државен идентитет).
Кога Антонио и Дора ќе се согласат дека има многу повеќе „вистини“ отколку значења на зборовите „Македонија“ и „Македонци“, тогаш ќе можат и буквално, од зборови да преминат на дела.
Жарко Трајаноски,
Дневник