Познати државите кои ќе го признаат Косово
МИА
09.02.2008 15:17
Само еден ден по изјавата што косовскиот премиерот Хашим Тачи ја даде во Приштина, дека веднаш по прогласувањето независност новата држава ќе ја признаат над сто држави, стана познато дека САД, Германија, Италија, Франција, Австрија, скандинавските земји и Словенија, како претседавач на ЕУ, ќе бидат првите земји кои ќе го сторат тоа, јави тиранската телевизија „Топ-ченел“, повикувајќи се на свој извор.
Во првата недела по прогласувањето на независноста, наведува истиот извор, Косово ќе го признаат околу 20 европски држави, како и Јапонија и над 40 земји членки на Исламската конференција.
Сите овие земји, како и неколку држави од Латинска Америка, Северна Африка и Азија, кои имаат заеднички интереси со Косово, се оние кои ќе ја признаат новата држава во првиот круг.
Кина, според „Топ-ченел“, нема да брза со признавањето на независноста.
Државите кои јавно се произнесоа дека нема да ја прифатат државноста на Косово, под никаков услов, се Русија, Кипар, Куба и други.
Обединетите нации бројат 192 земји-членки и ќе треба неколку години поголемиот број од нив да го прифатат Косово како држава, констатира тиранската телевизија „Топ-ченел“.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=89491