Откриени и запленети близу 200 парчиња гранати од различен калибар. Меѓу селата Брест и Лукаре скриени во два бункера вкопани во земја, полицијата ги открила минофрлачките гранати, гранатите за рачен фрлач, 14 барабани за муниција за тежок митралез, подлога за минофрлач.
Акцијата се одвивала вчера претпладне по претходно добиени сознанија. Засега нема осомничени, но има кривична пријава против непознат сторител.
„Се работи за оружје со постар датум на производство, од различни производители, претежно оружје произведено во поранешна Југославија и Кина“, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.
„Како што може да се види од изложеното оружје, тоа не е соодветно конзервирано, но е употребливо и се работи за оружје со голема разорна моќ“, додаде Јанкуловска.
Ќе се испитува кога во Македонија е внесено и складирано оружјето. Јанкуловска вели дека во бункерите било неколку години, не ја исклучува можноста да е од конфликтот во 2001-ва.
Минатата година полицијата откри и заплени безмалку 1.500 парчиња оружје - најмногу, близу 1.000 гранати, разни мини, автоматски пушки и пиштоли, фрлачи, но и 72 парчиња експлозив, ракети и 42.000 парчиња муниција.
Најголемата акција се одвиваше во Бродец, кога меѓу најразличното оружје беа откриени и софистицираните ракети „Стингер“.