ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ЦРНАТА 2012!
Пророштвата велат: оваа 2011 година ќе биде мирна без некои катастрофални настани, но затоа 2012 година ќе биде „спасувај се кој може“.
Иако секоја година се појавува некое ново претскажување на судниот ден, човештвото во 2011 ќе може мирно да спие, но за 2012 година Маите и семејството Тарабиќ предвидуваат катаклизма.
Заговорниците на катаклизма своето верување го темелат на верувањето на Маите, кои благодарение на доброто познавање на астрономијата создале соларен календар, чија употреба според некои верувања истекува на 21 декември 2012 година.
Според нивниот календар, на тој кобен ден ќе се случи ретка астрономска појава која се случува еднаш во 230 милиони години. Со порамнување на Сончевиот систем, линијата на Млечниот пат и на уште две галаксии, ќе настане шесто доба, кое е празно и зависи само од креаторите на новата цивилизација.
Директорот на Институтот за физика во Земун Александар Белиќ изјави за Танјуг дека проблемот со истекот на календарот на Маите е ист како и со секој друг календар кој може да се купи во продавница, а кој престанува да се употребува на 31 декември.
- Мора да се има одредена доза на ирационалност, страв и комплекс за да се зборува за катаклизма, а широките народни маси често се склони на тоа, бидејќи секоја година се појавува таа тема или се појавува некоја нова „опасност“ за човечкиот род, рече Белиќ.
Дека во 2012 година ќе настапи судниот ден најавуваат и некои толкувања од пророштвото на Милош и Митар Тарабиќ од Кремна, село во подножјето на Тара, кои зборуваат дека поради човековото напуштање на Господ, лажен Христос ќе се симне на Земјата и ќе донесе пекол.
Научниците најчесто не сакаат да зборуваат за ирационални теории како што се голема летечка риба од вселената која ја голта Земјата или истекувањето на календарот на Маите, но од сите можни сценарија, најреално им звучи тоа кое предвидува судир на некој голем астероид со Земјата или избувнување на Трета светска војна.
Во идните сто години нема опасност од судир со вселенски тела, но проблем се хаотичното и променливо патување на небеските тела кои не дозволуваат сигурни и далечни предвидувања, рече директорот на Астрономската опсерваторија во Белград Зоран Кнежевиќ.
- Се проценува дека има околу илјада објекти поголеми од километар кои се приближуваат на Земјата. До сега се откриени 800, но постојат и такви кои не се откриени и постои сомневање дека меѓу преостанатите 200 се наоѓа и опасен астероид, објаснува Кнежевиќ.
Тој претпоставува дека до сличен удар дошло пред 65 милиони години кога астероид во пречник со големина од 10 километри удрил во подрачјето на денешниот Мексикански Залив, формирал кратер од 180 километри и уништил 70 отсто од живиот свет на Земјата.
- Благодарение на тоа цицачите го пополниле биолошкиот вид кој исчезнал, бидејќи диносаурусите владееле со земјата 300 милиони години. Се верува дека таа појава е причина за настанокот на човекот, но ако во иднина дојде до слична појава, луѓето би ја доживеале судбината на диносаурусите, рече Кнежевиќ.
Според него, постојат разни шпекулации што довело до изумирање на диносаурусите и останатиот животински свет, но сите се согласни дека причината за изумирање на тој вид е удар од астероид.
- Земјата има пречник од 12.000 километри, но поради големата брзина со која астероидите влегуваат во атмосферата се ослободува огромно количество на енергија, која повеќе пати го надминува вкупниот нуклеарен потенцијал на Земјата. Кога сите атомски бомби би експлодирале во ист момент, таа енергија не би била ни приближно иста со енергијата која би ја ослободил астероид со поголем пречник при судар со планетата, објаснува Кнежевиќ.
При судир на голем астероид со Земјата, ударниот бран се шири и создава кратер, а целиот материјал од тлото и распаднатиот проектил се дига во атмосферата и прави густ непроѕирен облак од прашина околу целата земја, изјави астрофизичарот и предавач во Астрономското друштво „Руѓер Бошковиќ“, Александар Оташевиќ.
- Тие честички бавно се разградуваат и талогот може да стои стотици, па и илјада години, што го намалува количеството на сончевата енергија и настанува ледено доба, кое верижно доведува до изумирање на видовите, рече Оташевиќ.
Според него, тела со големина од 10 километри удираат еднаш во 100 милиони години, а следниот удар би требало да се случи за 30-40 милиони години.
- Во овој момент човечкиот род нема технолошки можности да спречи сличен удар, но среќа е што тие удари се ретки. Досега не е забележано тело со големина од 10 километри, а од регистрираните астероиди најопасни се астероидите од групите Амор, Аполо и Атен, бидејќи нивното патување го пресекуваат движењето на Земјата, рече Оташевиќ.
Мишел Де Нотр Дам (1503-1566), алијас Нострадамус прв ја предвидел вселенската појава која ќе доведе до промена на магнетниот поларитет на Земјата, а како последица од тоа ќе настанат многу природни катастрофи, ерупција на сите вулкани на Земјата, како и појава на цунами, торнада и земјотреси.
Со промената на половите Земјината топка ќе застане, а потоа ќе почне да се врти на другата страна околу својата оска, а поради тоа Сонцето ќе изгрева на запад, а ќе заоѓа на исток, предвидувал Нострадамус.
Од пророштвата кои предвидувале катастрофи од светски размери го издвојуваме пророштвото на познатата исцелителка Вангелија Гуштерова (1911-1996), позната како Баба Ванѓа, која предвидела настани се до 3793 година, вклучувајќи и Трета светска војна.
Според Баба Ванѓа, обичен вооружен судир во оваа година, треба да прерасне во нуклеарна-хемиска војна, а последиците од војната ќе доведат до изумирање на животинските и растителните видови на северната полутопка до 2014 година.
Белиот маг Лав Гершман пред две години рече дека Третата светска војна веќе е почната и дека тоа е војна на пари, технологии и идеологии.