Прочитај го ова и ќе ти стани јасно
Пречникот на еден атом е голем приближно околу 10E-8 или 1/100.000.000 cm. Кај обичните цврсти тела и течности, атомите се наоѓаат многу близу еден до друг, практично се допираат. Густината на цврстите тела и течности зависи од големината на атомите, нивната способност за поврзување и јачината на меѓусебните врски, како и од тежината на поединечните атоми.
Цврста материја со најмала густина е водениот лед, чиј кубен сантиметар е тежок околу 0,076 gr. Најгуст се смета реткиот метал осмиум (Os) со 22,48 gr по кубен сантиметар (златото има 19,3 gr/cm³, живата 13,6 gr/cm³, железото 7,8 gr/cm³, воздухот 1,29 gr/cm³ а водената пареа 0,8 gr/cm³).
Кога атомите би биле цврсти нестисливи топчиња, осмиумот би бил најгуст можен материјал, но и тогаш неговиот кубен сантиметар не би бил потежок од 100 gr, а да не зборуваме за еден тон.
Но, атомот не е компактен. Неодамна, во 1911 год. британскиот физичар Ернест Радерфорд (ErnestRutherford), докажал дека атомот е составен воглавно од празен простор. Обвивката ја сочинуваат електроните, а 99,9 % од неговата маса е концентрирана во нуклеусот, јадрото, кој се наоѓа во средината.
Јадрото има пречник од околу 10E-13 cm., што е околу 1/100.000 од пречникот на атомот. Значи, ако некоја грутка материја со големина на тениско топче ја збиеме толку силно, при што би се раскинале електронските обвивки на атомите и самите јадра со сила би ги приближиле еден до друг, тогаш пречникот на таа грутка би бил 1/100.000 од пречникот на тениското топче.
Ако Земјата ја збиеме толку многу, при што таа би била составена само од атомски јадра, тогаш целата нејзина материја би зафаќала простор колку една топка со пречник од 130 метри. Доколку го сториме истото со Сонцето, тоа би било топка од само 15 километри во пречник. Ако го компресираме целиот универзум на истиот начин, би добиле сфера со пречник од неколку стотини милиони километри и би можеле сосема лесно да го сместиме во просторот што го зафаќа астероидниот појас во нашиот Сончев систем.
Енормно големите притисоци и температури, кои владеат во центарот на ѕвездите, доведуваат до пробив на атомската структура и овозможуваат меѓусебно приближување на атомските јадра. Густината на материјата во центарот на Сонцето е далеку поголема од онаа на осмиумот (160 пати погуста од водата), но поединечните јадра сé уште се движат слободно, така што центарот на Сонцето останува гасовит. Некои ѕвезди се составени исклучиво од такви атомски јадра. Првата откриена ваква ѕвезда е Сириус Б, дел од двојниот ѕвезден систем во кој спаѓа и најсјајната ѕвезда на нашето небо, Сириус. Тоа бело џуџе е околу 10.000 пати послабо од својот сосед, или 500 пати послабо од Сонцето. Пресметано е дека неговата маса е нешто помала од масата на Сонцето, а неговиот пречник нешто помал од пречникот на Земјата.
Знаеме дека јадрата на атомите се составени од протони и неутрони. Протоните се елементарни честици со позитивен електричен полнеж и тие меѓусебно се одбиваат, што не им дозволува да бидат на многу мало растојание во голем број. Меѓутоа, неутроните, кои се електрично неутрални, под одредени услови, односно по експлозија на супернова, можат да се згуснат во огромен број, при што формираат неутронска ѕвезда. Денес знаеме дека пулсарите се токму такви неутронски ѕвезди.
Кога Сонцето случајно би се претворило во таква ѕвезда, целата негова маса би се собрала во една топка која би зафаќала простор од околу 1/100.000 дел од неговиот сегашен пречник. Волуменот кој што тогаш ќе го зафаќа таа неутронска ѕвезда би бил еден квинтилионити (1/1.000.000.000.000.000) дел од сегашниот волумен. Значи, густината на таквото Сонце би била 1.000.000.000.000.000 пати поголема од сегашната.
Сегашната вкупна густина на Сонцето изнесува околу 1,408 gr/cm³ (тоа е точно една четвртина од средната Земјина густина која е 5,515 gr/cm³) и еден прстен од неговата материја е тежок колку една коцка шекер, а еден прстен материја од белото џуџе би бил тежок околу 1.400.000.000.000 килограми.
Според тоа, еден кубен сантиметар од неутронската ѕвезда навистина тежи 1.400.000.000 (милијарда и четири стотини милиони) тони.