....По прогласувањето на независноста на „Република Косово“, и усвојувањето на новото знаме со шесте „ЕУ-ѕвездички“, на нашата дипломатија и' се пружа историска шанса за ефектен уметнички перформанс. Имено, пред признавањето на независноста на „приштинците“, Република Македонија може јавно да побара исполнување на следниве услови:
1) Промена на новото знаме на т.н. „Република Косово“ затоа што усвојувањето на симболите на ЕУ (сината боја со жолти ѕвездички) претставува не само манифестна кражба на културното наследство на ЕУ и „силување на европската историја“, туку и отворена закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја земја-членка на ЕУ (вклучувајќи ги тука и кандидатите). Имајќи предвид дека секоја од ѕвездичките на ЕУ-знамето означува посебна држава, останува заканувачки да лебди прашањето: Кои други пет држави ќе влезат во состав на новата „Косовска унија“?
2) Промена на името на новата држава, затоа што каква било употреба на зборот Косово е израз на територијални претензии кон Република Македонија, имајќи предвид дека името „Косово“ е географско име на населено место во Република Македонија (село во Порече). Се' додека не се разреши спорот околу името на нашиот северен сосед, бараме во ОН да се користи привремената референца „Поранешна Југословенска Покраина Косово и Метохија“, а како медијатор во спорот да биде назначен лично господинот Метју Нимиц. Малку и тие да уживаат во „фините“ предлози на финиот г. Нимиц и во некрофилската привремена референца.
3) Во Уставот на „приштинците“ да се внесат посебни одредби дека новата република нема територијални претензии кон соседните држави и дека нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
(Интересно ќе биде да се гледа сеир како на овие трагикомични одредби ќе реагира официјална Србија).
4) Да се преименува приштинскиот плоштад Мајка Тереза и да се оневозможи каква било натамошна злоупотреба на ликот и делото на „македонската ќерка“ Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза, како симбол на мирот и сожителството во Македонија.
5) Во процесот на преговарање за меѓународно прифатливо име за нашиот северен сосед, да се има предвид дека изразите „Албанци“ и „Косовари“ се неприфатливи идентитетски ознаки, затоа што го загрозуваат идентитетот ем на граѓаните на Република Македонија кои се идентификуваат како етнички Албанци, ем на жителите на македонското село „Косово“ кои се идентификуваат како „Косовари“. Исто така, не е прифатлива ниту употребата на изразите „косовски/косовска“, кои се составен дел од нашата историска традиција („Првата македонско-косовска ударна бригада“).
Ако новата држава не ги прифати сите горенаведени услови заради зачувување на мирољубивите и добрососедски односи во регионот, Република Македонија да се закани со воведување економска блокада кон „приштинците“ и со попречување на приемот на новата држава во сите меѓународни организации....
Source