Македонските спортисти ги напуштија Игрите во Солун
133 македонски спортисти вчера демонстративно ги напуштија Олимписките игри на млади од Југоисточна Европа, кои се одржуваат во Солун. На овој чекор нашата делегација се решила, откако домаќинот Грција не дозволил во ниедна форма да биде употребувано името Македонија.
Уште во мај годинава на состанокот во Грција, помеѓу организаторот и Македонката спортска федерација било договорено, нашите спортисти да носат дресови со кратенката МКД, или при најавувањето на репрезентациите да се користи референцата поранешна југословенска република Македонија. Организаторите не се придржувале на договореното.
„Бевме постојано под притисок, беа, на колку што можеа ситни начини, омаловажувани и им укажавме на тоа, дека овие спортисти нема да дозволиме да бидат малтретирани, понижувани, ниту да биде деградирана Република Македонија“, изјави Ивица Георгиевски, директор на Агенција за спорт и млади.
Македонските спортисти имаа проблеми и при влезот во Грција пред една недела. Тие на граничниот премин Евзони биле задржани четири часа и им биле одземени дресовите на кои пишувало Македонија.
За целиот случај бил запознаен и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, но досега од МНР не било реагирано кај грчките власти.
Скандалозното однесување на Грција на спортски план, всушност е потврда за новиот агресивен однос на Атина во спорот за името. Грција во повеќе наврати се закани дека ќе употреби вето за прием на Македонија во НАТО, доколку претходно не решен проблемот со името.
Извор