Забрзувачот пак на поправки
Епската драма со најголемата машина на свет - најмоќниот забрзувач на честички, кој е закопан 100 метри под швајцарско-француската граница, доби нов болен пресврт. Инженерите најавија негово исклучување на крајот од наредната година за да се изведат неопходни безбедносни поправки во тунелот каде што струјат енергетските зраци. - Во конструкцијата на големиот забрзувач на честички се направени неколку поголеми грешки - објави директорот на проектот со оваа џиновска машина, Стив Маерс. Тој истакна дека овие недостатоци се причина за одложување на моментот кога забрзувачот ќе може да го постигне својот енергетски максимум - Судирите на честички при максималните предвидени енергетски нивоа, најверојатно, ќе се случат две години подоцна од предвидениот рок поради грешки кај хардверот - објасни Маерс. Машината кон крајот од овој месец треба да постигне досега најголема енергија од седум трилиони електронски волти. Тоа е половина од максималното предвидено енергетско ниво од 14 трилиони електронски волти. Маерс истакна дека забрзувачот ќе биде исклучен кон крајот од 2011 година, а цела година ќе се изведуваат корекции кај 27-километарскиот тунел. Тие се неопходни за тунелот да се направи безбеден за судири на протони при двојно поголемо енергетско ниво од тоа што ќе се постигне овој месец. Машината почна да функционира неодамна, по пауза од 14 месеци. Таа беше исклучена во септември 2008 година поради дефект со магнетите. - Со многу повеќе ресурси и многу повеќе човечка сила, како и построга контрола на квалитетот, тие дефекти, најверојатно, можеа да бидат избегнати. Сепак, треба да имаме на ум дека забрзувачот е прототип со кој се испитуваат границите на технологијата - изјави Маерс. Тој нагласи и дека никогаш не се слуша за многу други елементи во врска со забрзувачот на честички, кои функционирале одлично. - Машина како забрзувачот правите само една и ја конструирате само еднаш - додаде Маерс. Тој наведе и дека еден од главните проблеми со забрзувачот на честички не се состои во сложената технологија, туку кај бакарните покривки што ги штитат спојниците на суперспроводниците во тунелот. Бакарните плочки се безбедносен механизам дизајнирани да ја прифатат струјата ако еден од магнетите во 27 - километарскиот тунел се прегрее. Тоа се случи во 2008 година, кога прегревање кај неколку магнети предизвика истекување на еден тон хелиум во тунелот и беше причина за долготрајни и скапи поправки. Инженерите сега веруваат дека машината може да издржи високи енергетски нивоа, но за да избегнат слична несреќа, тие решија 18 до 24 месеци да работат со половина од предвидената максимална енергија. Потоа ќе следува едногодишно исклучување, кога ќе се изведе засилување на кружниот тунел заради зголемување на безбедноста. Големиот забрзувач праќа зраци со честички во спротивни насоки при брзина блиска на брзината на светлината. Овие зраци се судираат во големиот тунел. Крајна цел е да се овозможат судири при енергија од 14 трилиони електронски волти, кога ќе се создадат условите што постоеле неколку моменти по Големата експлозија. Научниците се надеваат дека во тие експерименти ќе се создадат нови субатомски честички, кои ќе покажат како, пред неколку милијарди години, настанал нашиот универзум.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=1966&ArticleID=136158