ИЗБРАНА МИС НА МАКЕДОНИЈА ЗА МИС НА СВЕТОТ
Втора среќа за Јана Стојановска
Јана Стојановска (22) од Скопје, висока 171 см и тешка 50 килограми ќе ја претставува Македонија на светскиот избор за мис на светот кој годинава ќе се одржи на 1 декември на островот Хајнан, Кина. Јана е ќерка на актерката Силвија Стојановска и на легендата на македонското глумиште Ненад Стојановски. Трета година е на Факултетот за драмски уметности, отсек драмски актери. Пред две години на изборот чија лиценца ја има "Мис М" на Лидија Велковска, ја освои титулата Мис Земја и ја претставуваше Македонија на светскиот избор во Манила, Филипини.
Најубавата Македонка во петокот вечерта, на македонскиот избор во зимскиот клуб "Хард Рок" освои 89 поени, а беше избрана преку смс пораки и со гласовите на 18-членото жири. Скопјанката Слаѓана Цветковска ја освои титулата мис на Земјата, а титулата мис sвезда ја освоија Марина Јаневска од Кочани и Сунчица Тодоровска од Крива Паланка. Цеце Орешкова ќе не претставува на мис Европа кој следната година ќе се одржи во Париз, Франција .
На изборот учествуваа 13 девојки од Македонија. Го водеа манекенките Натали Грубовиќ и Марјана Станојковска кои не беа координирани, често грешеа, а најголемиот гаф се случи кога го погрешија редоследот на листата на победничките. Тогаш на сцената настана хаос. Се менуваа круните и лентите, а тоа ги збуни убавиците кои не знаеа што да прават.
- Се случи мала забуна околу редоследот на читањето на пебедничките. Јас и Марјана не бевме сигурни дали требаше да читаме од горе надолу или обратно. Мене лично ми се допадна тоа што изборот беше во дискотека зошто се создаде пријатна релаксирана атмосфера", ни изјави Натали Грубовиќ.
Организаторката на изборот Лидија Велковска вината ја гледа во директниот пренос кој вечерта одеше на првата програма на Македонската телевизија.
- Времето беше кусо и затоа немаше простор за поголема креативност. Директниот пренос ни налагаше брзо темпо и можеби затоа малку изгледаше хаотично. Знам дека имаше мали пропусти но сметам на изборот се си течеше регуларно. Мојата замисла беше дискотеката на изборот да му даде малку младешки шмек и дух ", вели Лидија Велковска.
- Се пријавив за изборот на мис на Македонија не затоа што сакам титули туку зашто сакам да патувам. Слушнав дека главната награда е патување во Кина. Многу сум среќна што ме избраа за мис на Македонија и ќе направам се достојно да ја презентирам Македонија на светскиот избор ,- ни изјави Јана Стојановска. Јана, по завршувањето на изборот, победата ја подели со мајка си Силвија која беше среќна што ете една од нејзините ќерки ја избраа за најубава Македонка.
Во музичкиот дел на изборот настапија поп-пејачките Маја Вукичевиќ, Маја Стојановска и Александра Пилева.
З. Василевски
Фото: В.Тануровски
Извор