Снимателите ги спуштија камерите, новинарите ја напуштија денешната прес-конференција на владата. По првиот шок од ваквата реакција, медиумите добија поддршка од владата, го разбирале револтот.
„Владата на РМ сосема го разбира овој гест, ние се солидаризираме со вашиот процес и со вашиот протест и најавуваме дека ќе бидат целосно расчистени сите детали поврзани со немилиот настан, којшто се случи во текот на вчерашниот ден, вашиот револт е сосема оправдан како јавност и како медиуми“, изјави Ивица Боцевски, портпарол на Влада.
Министерката Јанкуловска вети целосно расчистување на сите случаи. Суспендирани се четворица припадници на Алфите, кои го тепале снимателот на „Ал Сат“ Игор Љубовчевски. Засега кривична пријава има само за еден од нив, Рамадан Имери.
„Утврдено е дека лицата кои учествувале во настанот непотребно употребиле сила, која била несоодветна и согласно тоа ние веќе ја почнавме постапката, тоа значи дека врз основа на постапката за утврдување на степен на одговорност сите соодветни механизми ќе бидат искористени“, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.
Прекршочна пријава му е поднесена на Бекир Исени од Танушевци, член од претседателството на ДУИ кој му удри шлаканица на новинарот на А1 Лирим Дулови.
На информативен разговор се повикани и двајцата од собраниското обезбедување. Потврдиле што се случило, го виделе шамарот, но се правдале дека интервенирале отпосле за да спречат поголем инцидент.
Еден час подоцна, премиерот доби шанса од медиумите.
„Го разбирам вашиот гест денеска што го направивте и чувствата кои ги споделуваме. Сакам да ве информирам дека уште утрово ги преземавме сите можни мерки што една држава може да ги преземе во една таква ситуација, кога е нападнат новинар“, вели Никола Груевски.