МАКЕДОНИЈА ГИ ДОБИ ПРОТИВНИЦИТЕ ЗА ЕВРОБАСКЕТОТ ВО ЛИТВАНИЈА
Грција и Хрватска повторно во нашата група
Речиси сите балкански кошаркарски сили се противници на Македонија во групата "Ц" за претстојното Европско првенство што од 31 август до 18 септември ќе се одржи во Литванија.
Ждрепката во Вилнус сакаше македонскиот национален тим да се најде во силната група "Ц" во која се Грција, Хрватска, Црна Гора, БиХ и квалификантот број 2 (Унгарија, Португалија и Финска ќе разигруваат за последните две места на ЕП).
Грција и Хрватска ни се должници од претходното ЕП во Полска на кое и двете не поразија, со Босна и Херцеговина се среќаваме речиси секогаш во квалификациите за ЕП, Црна Гора е дебитант на Европските првенства, а последниот противник ќе го дознаеме дури во август по дополнителниот турнир.
Групата "Ц" ќе се игра во градот Алитас во јужна Литванија, а Македонија ќе го отвори турнирот со репрезентацијата на Црна Гора на 31 август.
На 1 септември ќе се сретнеме Хрватска, потоа по ден пауза, на трети играме со јужниот сосед Грција, а овој натпревар ќе предизвика најголемо внимание во јавноста поради спорот со името. Последниот тим што ќе обезбеди учество на ЕП ќе и биде противник на четата на Марин Докузовски на 4 септември, а на 5 ќе ја затвориме првата фаза против БиХ.
Првите три селекции од секоја група ќе се пласираат во втората фаза во која ќе се формираат две нови групи со по шест екипи. Нашата "Ц" група ќе вкрстува со групата "Д" во која фаворити за пласман се Словенија, Русија и Белгија.
Според квалитетот на нашите противници, клучен ќе биде дуелот со Црна Гора на стартот од ЕП, а триумф е потребен и против БиХ и квалификантот.
- МКФ е задоволна од ждрепката. Противниците не се лесни, но имаме верба во нашиот тим и со добри подготовки мислам дека ќе се пласираме во втората фаза. Најважно е сите играчи да се јават на време на собирот - изјави генералниот секретар на МКФ, Дејан Лекиќ кој во живо ја следеше ждрепката во Вилнус заедно претседателот Димевски и директорот на репрезентациите, Мерџановски. (О.К.)
***
Обезбедени силни противници за подготовките
Првите луѓе на Македонската кошаркарска федерација го искористија присуството на 24 земји кои ќе бидат дел од ЕП и веќе и обезбедија силни противници на А-селекцијата во подготовките во јули и август. По собирот и одработувањето на физичкиот дел, Македонија ќе замине во Словенија каде што со истоимената селекција ќе одигра две пријателски средби. Потоа патува во Бормио на турнир на кој ќе учествуваат и Италија, Канада и Бугарија.
Договорено е и силниот ексјугословенски турнир во Љубљана. Македонија е во група со Србија и БиХ. Пред заминувањето за Литванија, во Скопје ќе се одржи турнир на кој ќе се појават Израел, Бугарија и најверојатно Србија, а истиот ќе биде последен тест за квалитетот на Македонија пред настапот на ЕП.
***
ГРУПА А (Пеневежис): Шпанија, Турција, Литванија, Велика Британија, Полска, квалификант 2;
ГРУПА Б (Шљауљај): Србија, Франција, Германија, Израел, Италија, Летонија;
ГРУПА Ц (Алитас): Грција, Хрватска, Црна Гора, Македонија, БиХ, квалификант 1;
ГРУПА Д (Клајпеда): Словенија, Русија, Белгија, Грузија, Бугарија, Украина.
извор
Околу ждрепката не е така лоша ако се земе во обзир дека а и б се потешки групи а шансата би ја барал со босна квалификантот (португалија) и хрватска ми се чини дека имаме поголеми шанси од колку со црногорците кој сум убеден дека ќе бидат најголемото изненадување на првенството и во групата прво место
Добро е и тоа што вкрстуваме со најслабата група па така да ако поминеме во групата имаме шанса за најголем успех до сега
Сепак има врем до крајот на август и најважно е да нема кавги муѓу нашите и се разбира сите повикани да дојдат
ps.за илиевски нема што да го викаат повеќе се докажа тој колку сака да игра за нас и нема потреба од молење повеќе