Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Јовица Арсиќ, на денешната прес-конференција го претстави планот за текот на подготовките пред настапот на Европското првенство во Полска во септември годинава.
По базичните подготовки во Скопје и Златибор, репрезентацијата на почетокот на август ќе замине за Крањска Гора, Словенија, каде што се планирани по два пријателски натпревара со домашните селекции и со репрезентацијата на Бугарија. Германија е следната дестинација за нашите репрезентативци каде што ќе одиграат турнир со домаќинот, со Полска и со Хрватска.
Последниот тест за формата на македонските кошаркари ќе биде Ефес Купот во Анкара на кој освен Македонија ќе играат Турција, Хрватска, Германија, Летонија и Велика Британија.
„Најмногу ќе се фокусирам на враќање во ритам на играчите кои од различни причини не играа во изминатиов период. Врбица Стефанов ја испушти цела сезона, бидејќи беше без клуб, Перо Антиќ имаше повреда подолго време, а и тие што играа немаа баш сјајна натпреварувачка сезона. Квалитетот што го поседуваме не е спорен, но треба многу работа за да дојдеме до посакуваната форма“, истакна селекторот Антиќ.
Тој додаде дека на подготовките се повикани и неколку млади играчи во кои ги гледа наследниците на поискусните кои се пред завршување на кариерата.
„Ги повикав Дарко Соколов, Дамјан и Војдан Стојановски и Бојан Трајковски кои мислам дека со искуството кое што ќе го стекнат низ подготвителниот период и низ натпреварите и со напорна работа во иднина треба да станат носители на играта на репрезентацијата“, рече Антиќ.
За очекувањата на ЕП, вели дека е рано да се зборува и оти се ќе зависи од тоа како ќе се подготви репрезентацијата и каков ќе биде здравствениот билтен на играчите, но шансата за победа ја гледа во Израел.
„Групата во која е Македонија е многу силна. За Грција и Хрватска не треба многу да се зборува и знаеме кои се тие во кошарката и нивните амбиции се освојување медал на ова првенство. Шансата за пласман во вториот круг ја гледам во репрезентацијата на Израел која мислам дека е со сличен квалитет како нашиот, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме и на другите две средби“, вели Антиќ.
Директорот на репрезентацијата Илија Мерџановски изјави дека од сите повикани играчи добил потврда дека ќе пристигнат во закажаниот термин за старт на подготовките, а тоа е 15 јули.
Повикани играчи се: Врбица Стефанов, Влатко Илиевски, Јане Петровски, Димитар Мираковски, Ристе Стефанов, Александар Димитровски, Дарко Соколов, Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Диме Тасовски, Перо Блажевски, Перо Антиќ, Џеремаја Мејси, Тодор Гечевски, Предраг Самарџиски и Бојан Трајковски.