ЗАЖИВУВАЊЕ НА КИНОТО ВО ГТЦ НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД НОВА ГОДИНА
Филмот за Морганови го отвора „Милениум“
Со комедијата „Дали слушнавте за Морганови?“ во режија на Марк Лоренс, чијашто светска премиера се одржа пред неполн месец, по неколкугодишна пауза, на 26 декември, повторно ќе почне да работи киното „Милениум“ во ГТЦ. Во филмот на Лоренс, кој според светските медиуми е вистински блокбастер, играат познатите холивудски филмски ѕвезди Хју Грант и Сара Џесика Паркер. Во него станува збор за една современа брачна двојка од Менхетн, која во еден момент станува сведок на убиство, а притоа и цел на убиецот. Полицијата за да ги заштити своите сведоци ги носи од нивниот сакан Њујорк во едно мало место во Вајоминг и брачната врска, која била на работ на развод, повторно ја враќа својата страст. Од Младинскиот културен центар, кој е задолжен за филмската програма на кино „Милениум“ велат дека ова е еден од најактуелните светски филмски хитови, кој ги наполнил киносалите во САД. - Се надеваме дека овој филм ќе го задоволи вкусот на публиката. Треба да се тргне кон некоја цел и кон заживување на киното „Милениум“ и се надеваме дека во иднина ќе следува подобра филмска програма и ќе имаме подобар избор во нејзиното конципирање - вели Борис Момировски, директорот на МКЦ. Тој додава дека во моментов се изработува и јануарската програма на „Милениум“, но дека е прерано да се обелодени. Филмот „Дали слушнавте за Морганови“ засега ќе се прикажува со две проекции: од 18 и од 20 часот, а цената на билетите, по премиерата, која ќе може да се види само со покани, ќе изнесува 150 денари. - Ќе се обидеме да ги поврземе арт киното „Фросина“ и киното „Милениум“, па така гледачите ќе можат во кое било од овие две места да си купат билети за филмовите што ќе бидат дел од нивните програми - додава Момировски. По долгата агонија на „Милениум“, кој важеше за најатрактивен кинопростор во земјава и по чиешто затворање замре речиси целиот киноживот во главниот град, тој од неодамна е под грижа на Град Скопје. Во арт киното „Фросина“, пак, кое, исто така, е под капа на МКЦ, за разлика од „Милениум“ каде што ќе се прикажуваат претежно комерцијални филмски остварувања, на програмата ќе бидат претежно европски, авторски и уметнички филмови и така двете кина различно ќе се профилираат. Од денеска, па до 20 декември во „Фросина“ се прикажува новогодишната филмска ревија, а дел од оваа програма се филмовите: „Ѕвезден прав“, „Кралство“, „Бабел“, „Немир“, „Празни шишиња“, „Казино ројал“ и „Зрно утеха“. - Билетите за проекциите чинат 60 денари, со пијалак, и можат да се купат на билетарницата на МКЦ, како и да се резервираат на веб-страницата билетиЖмкц. цом. мк - велат од МКЦ. Последниве години постоеја неколку неуспешни обиди да заживее кино „Милениум“, а повремено просторот беше користен за премиери на домашни филмови. Во него често се одржуваа разни симпозиуми, семинари и по некоја затворена проекција, како што беше случајот со филмот „Војната заврши“ на режисерот Митко Панов, „Созерцание“ на Иво Трајков, а во него се прикажуваше и долгометражниот документарен филм на Атанас Георгиев, „Плати и жени“.