Да да. Преведено е шестото издание Хари Потер и полукрвниот принц во издание на Младинска книга.
Шестото продолжение за Хари Потер го објавува „Младинска книга“
Годинава на македонски јазик ќе биде објавено и шестото продолжение од авантурите на Хари Потер, насловено „Хари Потер и полукрвниот Принц“ од „Младинска книга“. Станува збор за најпродаваната серија романи за деца и возрасни на сите времиња. Сагата за Хари Потер, за младиот волшебник, ги собори сите светски рекорди, освои многу награди, преведена е на над 65 јазици во светот, со што авторката Џоан Роулинг се вброи меѓу најпреведуваните автори во светската историја. Во целиот свет, книгите се продадени во над 400 милиони примероци.
Инаку, „Хари Потер и полукрвниот Принц“ првпат беше објавена на 16 јули 2005 година и во првите 24 часа по објавувањето, беше продадена во речиси 10 милиони примероци во целиот свет. Долгите редици на луѓе кои на полноќ го чекаат објавувањето и доставувањето на книгата, почна со книгата „Хари Потер и пламениот пехар“, продолжува и за другите книги од серијата.
Оваа година ќе се одржи и премиерата на филмот „Хари Потер и полукрвниот Принц“. За еуфоријата што ја предизвикува серијата романи говорат и следниве факти: англиското издание на Хари Потер е првата книга што некогаш се искачила на врвот на француската топ-листа на бестселери на книга што не е напишана на француски јазик, а големиот успех на книгите за Хари Потер го поттикна „Њујорк тајмс“ во 2000 година да воведе одделна бестселер-листа за литература за деца. На таа листа Роулинг беше на врвот цели 79 недели.
Досега серијата романи за Хари Потер во Македонија ги објавуваше „Култура“ од Скопје, но како што не' информираше главниот уредник Глигор Стојковски, тие ги откупиле правата само до петтото продолжение. Се' уште има примероци кои се продаваат од последниот роман, но, бидејќи станува збор за поголема книга, петтото продолжение и трошоците за нејзиното објавување стануваат поголеми и затоа и продажбата оди позабавено. Бидејќи правата за шестото продолжение биле слободни, овој пат македонската читачка публика, сепак, ќе го добие и шестото продолжение, благодарение на „Младинска книга“. (Н.П.)