Еве Ќорвезироска Оливера не се сложува со нас.
ОЦЕТ
Духовитата, интелигентна нарација на Румена Бужаровска од нејзините најдобри раскази, ширум отворената перцепција со нагласена смисла за детаљ, за расфрлање (но и за собирање!) милион мониста со еден потег, во нејзиниот најнов, втор роман SINE DELFI е збогатена и со напнатост, со цврсто водена (хорор) атмосфера, со закана провлечена низ приказната како невидлив конец вденат во талентирана рака, кој го затега и го разлабавува текстот во одличен ритам. Од првата до последната страница сè лизга совршено, како добро подмачкана врата што може без престан да се отвора и да се затвора без ниту најмал шум.
SINE DELFI е филмски роман, се чита за толку време колку што вообичаено е потребно да се изгледа филм. Добар филм. Добар роман. Изграден е врз вистинска приказна (така наведува авторката), но она што сметам дека е поважно од тоа е фактот дека е изграден врз една стабилна љубов на мртов татко и две нестабилни, клацкави и крцкави љубови на живи мајка и сестра на јас-нараторката.
SINE DELFI можел да се вика и ОЦЕТ, КОСА или БУВ, зашто и вистинскиот наслов и трите други што се наметнуваат како можни, на ист начин се излачуваат од приказната – умешно, како капка со кристална меморија за големото море. CINE DELFI е киното каде што одат мајката и ќерката-раскажувач и каде што нивниот разлеан однос добива контура („Кога одевме во кино, ми се чинеше дека мајка ми ме сака, дека ме чува“ – стр. 49; „Кога сме во киното, имам чувство дека ми е мајка, дека се грижи за мене и дека го сака тоа што го сакам и јас“ – стр. 64); ОЦЕТ е остра состојка-метафора за односот на двете сестри; КОСА е предметот што постојано е во рацете на градинарот чичко Мани или чичко Смрт; БУВ е нешто што прв пат се гледа во живо во животот и тоа токму тогаш кога на животот му се заканува смрт („Цел живот живеам покрај шумата, но никогаш немав видено був“ – стр. 97)...
CINE DELFI ни ја претставува Румена Бужаровска во најдоброто книжевно издание и светло досега. Тој е доказ дека големиот книжевен успех може да биде и поттик, трамболина за уште повисок скок. Но, да не заборавиме, успехот на Бужаровска е и наш, на современата македонска книжевност, и тоа уште поголем и позначаен од нејзиниот, личниот.
Бетер се од докториве што не се закачаат меѓусебно кога ќе посерат работа при некоја операција.