Мислам овде би било поврзано, за социјалците е врзано
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=D420654AB345404DA3372F7BB41A895A
атум: 24.11.2014, 17:47
ИЗМЕНИ НА ЗАKОНОТ ЗА НБМ
СО БАРАЊЕТО ЗА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВА ДАЛИ „СОЦИЈАЛЕЦОТ“ ДОБИВА ДЕВИЗИ ОД СТРАНСТВО
Александра Томиќ
Податоците за тоа кој има и колкави приливи од странство Народната банка ќе биде должна да им ги даде на увид на Министерството за труд и социјална политика, на Агенцијата за вработување и на Фондот за здравствено осигурување. Се подготвува дополнување на Законот за Народната банка, со што податоците, кои таа досега ги чуваше како тајни, ќе биде должна да им ги отстапи на неколку државни институции. Измените се с` уште во владина процедура и во образложението стои дека тие ќе служат за проверка на податоците и информациите што ги поднесуваат барателите – физички лица пред државни институции.
Што ќе биде на увид
Познавачите коментираат дека тие се во насока да се смени практиката социјална корист од државата да имаат лица што имаат големи приливи на средства од роднини што живеат и работат во странство, а истовремено многу често се корисници на социјална помош, надоместок за невработеност и други државни бенефиции.
Со новите законски измени што ги предлага Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравство и Агенцијата за вработување ќе имаат право да побараат и да добијат податоци од Народната банка на прилив на средства од странство.
Во предлогот за дополнување на законот на НБМ стои дека овие четири институции ќе можат да имаат пристап до податоци од Централната банка само за да одговорат на потребите на граѓаните.
- Основната цел на предлогот на законот е да се овозможи на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и на Фондот за здравственото осигурување на Македонија преку пристапот до податоците до кои дошла Народната банка при вршењето на своите задачи и должности да извршат проверка на податоците и информациите што ги поднесуваат барателите – физички лица за остварување одредени права во постапка пред овие институции - стои во предлогот.
Од Народната банка не го коментира предлогот со образложение дека законот не е стасан кај нив.
Досега овој вид податоци централната банка ги класифицира како доверливи. Имено, во Законот за НБМ стои дека вработени во институцијата не смеат да употребуваат или да дозволат да бидат употребени за лична корист податоци што ги собира Народната банка, освен ако тоа не е неопходно.
Во август пристигнале 21,3 милиони долари
Единствени исклучоци во кои овие податоци можеа да бидат објавени се ако има согласност од тој на кој се однесуваат или ако има судски налог, регулаторни или супервизорски тела.
Според последните податоци од Народната банка, во август годинава како лични трансфери меѓу домаќинства се запишани 21,3 милиони долари. Инаку, вкупните трансфери од странство се поголеми. Вкупниот доходот што е заведен во НБМ како прилив од странство во август е 220,8 милиони долари. Од оваа сума помал дел е за државата. 217 милиони долари се пари кои влегле како прилив за финансиски претпријатија, нефинансиски претпријатија, домаќинства и непрофитни организации кои им служат на домаќинствата.
Македонското искуство покажа дека дознаките од странство со години позитивно влијаат на македонската економија. Постојаниот позитивен прилив на дознаки структурно го намалува негативното салдо на тековната сметка во целина.
Истражувања на економските аналитичари покажаа дека илјадници македонски семејства би живееле многу посиромашно ако не се парите кои секој месец им стасуваат од роднините од странство, со што директно се влијае и на намалување на сиромаштијата во земјата. Меѓутоа, некои од овие семејства на домашен терен се корисници и на социјална помош од државата, а добиваат и паричен надоместок од невработеност.