Годинава некако ми кулминираа негативните работи кои кружеа низ мојот живот последниве неколку години. Ми резултираа со раскрстување со некои личности, сфаќањето дека едноставно со некои луѓе повеќе не си одговараш. И го разбирам значењето на онаа петто-одделенска слика што ја става секое девојче за да изиграва drama queen, слика која кажува колку е заебано тоа што некои луѓе кои до вчера ти биле блиски и си споделувал се, денес не можеш ни муабет да си направиш со нив. Но сите растеме, и како што со растењето ни се отвараат повеќе врати, така кај сите нас се формираат различни амбиции базирани врз нашиот карактер. Тие амбиции потоа ти го праќаат животот на различен пат низ различна врата, истовремено менувајќи ти го и карактерот. И не можеш да се бориш со тоа, пошто that's just the way it's meant to be. Кога еднаш ќе ги отвориш тие врати, заминуваш и не се враќаш назад, па ги оставаш луѓето зад себе, собирајќи ги и носејќи ги со тебе само спомените и ништо друго.
Годинава го сфатив значењето на тоа зашто луѓето ти викаат дека до матура се најубавите години. Ама сфатив дека и за погрешни работи те спремаат, а ударот доаѓа од она што не ти го кажуваат. Те спремаат демек глава ќе те боли, ќе имаш грижи, ќе имаш којзнае што. Да, секогаш ќе имаш грижи и притисок да направиш нешто за да си обезбедиш сигурна иднина. Но, ти пак можеш да имаш стабилен живот, да знаеш на што си, и тие грижи да не те тангираат. Она што се менува е разликата во меѓусебниот однос помеѓу тебе и луѓето кои си ги познавал, тоа е тоа што боли. Кога веќе не си „заглавен“ да седиш на иста клупа со некој, да излегуваш во истото маало, или на било каков начин да поминуваш време со некој, природно се менува односот. Некој влегол во сериозна врска и поминува огромно време со партнерот, некој се фокусира на факултетот и го намалува времето одвоено за дружба со пријателите, некој се запознава со луѓе и сфаќа дека со нив повеќе си одговара, па културно се оддалечува од тебе, некој се спрема за во странство и поминува неколку месеци надвор од државава. Мислам, сите се супер причини за нив, никој тебе не ти наштетува намерно или нешто. Ама сепак тебе ти прави проблем тоа што така стојат работите и што не можат да се сменат. И се осеќаш малце изгубен и несигурен, па тоа ти прави потежок притисок, а таквиот притисок прави да носиш погрешни одлуки за својот живот. И кога си свесен за сето тоа, те удира мала депресија. Е така се осеќав годинава барем јас. Како да изгубив еден мал дел, но дел со огромна тежина од мојот досегашен живот.
Така што сега кога во оваа година ги сфатив негативните работи кои доаѓаат со мојата возраст, сакам следнава да ги видам позитивните работи кои по правило треба да следат. Тоа во главно би требало да се врти околу искуството кое ми е потребно за да ги надминам пречките кои ми се на патот. Да имам знаење какви средства да употребам за на најефикасен начин да ја постигнам мојата цел. А она што ќе остане измеѓу, да го исполнам со повеќе радост, со сфаќањето дека не е лош ни овој период од животот. Да го исполнам тој недостаток кој го почувствував оваа година. Едноставно сакам да почувствувам зошто е добро да имаш 21-22 години, да видам што е доброто од овој период од животот. Се надевам дека догодина ова време ќе го имам одговорот.