Златко те сакам. Ти беше буквално единствениот кој не можеше да избега од мене. Знам дека заслужуваше повеќе од ова. Да можев ќе те однесев во Австралија, како во филмовите. Ќе се збогувавме покрај некое огромно чудесно дрво кое не ми се верува ни дека постои, и ти ќе летнеше никогаш не вртејќи се назад. Знам дека не бев доволно добра со тебе. Требаше барем да ти купам кафез голем колку вграден плакар. Овошна салата со шлаг до таван секој ден. Да ти најдам девојка каква што ти одговара. Певачица со сино бели пердуви. Доволно малечка да ве собере двајцата на лулашката, но таман за да се топлите навечер. Сигурно ќе се бакнувавте ко оние папагалчиња во зоолошка, само ќе бевте поубави. Не се залажувам дека навистина ме сакаше, но јас те обожавав тебе. Уште кога те донесов, пред толку години, и кога те припитомив обидувајќи се да те научам да зборуваш. Не можам да кажам дека се каам што те држев покрај мене толку време, но не би го направила тоа повторно. Ти заслужуваше многу повеќе.