Мислам дека имам пишано на темава и претходно, ама нејсе. Многу прикриена жолчност, емоционалност и не толку скриено инаетење има во претходниве страници. Не сум југоносталгичар, не сум фатил нешто многу од тоа време, па да се сеќавам, а ни моите не се југовци.
Одредени работи во периодот од 1944/5 до 1991 беа успешно реализирани. Не би било лошо некој да се заинтересира да види колкав бил бројот на неписмено население во Македонија пред ослободувањето, а колкав на пример, две децении подоцна, и на кој јазик имале право да се школуваат и описменуваат. Или какво земјоделие, колку фабрики, болници, училишта, факултети, музеи, кина, театри имало пред ослободувањето, а колку потоа. Или каде имало водоводна, канализациска и електрична мрежа. Да се разбереме, разликите во писменоста кај населението се навистина големи, а сакале да признаеме или не, еден од предусловите за било каков развој е писменоста и образованието.
Не би навлегувал во политиката, многу нешта се познати - политички чистки, ликвидации, ОЗНА/УДБА, уништување на македонското село, неправедни национализации и милион други работи кои нема да се заборават. Не гледам смисла во преповторување.
Одговорот за тоа дали се живеело подобро во СФРЈ не е едноставен. Ако прашате сега некој пензионер на 80 годишна возраст, селанец по потекло, ќе ви каже дека како дете одел по вода до селскиот бунар или чешма 200 метри подалеку од куќата/шталата, користел свеќа или газија навечер, си легнувал со кокошките и имал полски нужник. За него, водоводот, канализацијата, електричната енергија, толку банални денес, биле дар од бога. Истиот, или некој сличен на него, добил шанса да работи во град (не чекал со години), лесно да заработи а да не работи многу (во село е малку поинаку), да има стан, релативно задоволно семејство, да оди на одмори и сл. Денес ваквите се незадоволни старци, со мали пензии, со невработени деца, и со внуци со, сосем очигледно, неизвесна иднина. Дали живеел од кредити, обичниот, прост човек не го интересира. Знае само дека живеел подобро од сега и ќе ви каже дека и сега се земаат кредити, па никому ништо. Ќе ви каже дека и сега има легачки работи, дека и сега имаме ѓубре од економија, дека и сега има партија, дека се краде повеќе од порано, дека се убива повеќе од порано, дека сега има повеќе педофили и наркомани.
Во однос на економијата: со оглед на економско-политичкиот систем кој се покажа неуспешен (ако беше успешен немаше да пропадне, не само во СФРЈ, туку и во СССР и Источна Европа), јасно е дека имало сериозни проблеми, причини за длабока криза на општеството, која се акумулирала и кулминирала во 90-тите.
Арно ама, и тогаш (како и денес) многу пропусти во Македонија имаа политички дури и личен карактер. Многу крупни инвестициски промашувања немаа идеолошка (комунистичка, без разлика дали во тој случај ќе имало успех) заднина, туку се должеа на амбиции и инает на некои наши политичари. Гигантот Фени чинеше многу, и како инвестиција и како загубар, а беше желба на неколкумина од тие краишта, на кои им се можеше, па не се обѕираа на тогашните предупредувања дека од таа работа нема ништо и дека е подобро да се развиваат мали и средни можеби успешни сродни претпријатија, наместо едно големо, со сигурност неуспешно.
Огромниот, нереален буџет за ЈНА е посебна прикаска.
Словенија добро се развивала и тогаш. Како за споредба, според некои истражувања, во почетокот економските разлики, стандардот и сл. меѓу Словенија и Косово (по правило најнеразвиеното подрачје - и тогаш кукале за права) биле 3:1, кон крајот на СФРЈ биле 8:1. Словенците и тогаш работеа, имаа и подобри позиции од македонските, нивните политичари беа поединствени, а Тито беше полу-Словенец.
Дали ништо не се работело тогаш и тоа е малку посложено. Јасно е дека имало многу загубари помагани од државата, која и самата беше помагана со големи кредити. Многу работи тогаш се изградени, за да може така лесно да се каже дека никој ништо не работел а сите земале плата. Поблиску до вистината е дека тогаш сме живееле сон/живот кој повеќекратно ги надминувал нашите реални можности, дека се дозаебавме со криминалната приватизација и дека ни сега не знаеме кај ни е главата.