Во некое мало место во Македонија дошол познат светски авантурист што се качува по високи згради, скока банџи од опасни места ширум светот, кој слушнал за некое опасно место во Македонија, карпа над провалија од која до сега никој не скокнал. Измерил неколку пати, отишол во локалната продавница, зел точно 41,5 метри јаже се врзал, ги вклучил камерите и пред населението скокнал, паѓа, паѓа, жени пиштат, деца плачат и таман на пола метро од карпите долу, јажето се оптегнало и го застанало... сите воодушевени и среќни.
Следниот ден најголемиот мангуп од местото вели:
- Ако може тој , можам и јас!
Отишол и тој во истата продавница, купил и тој 41,5 метри јаже, се врзал, и пред собран народ скокнал - и се растурил на земјата.
Ги собрале остатоците, го погребале, а полицијата правела увид, и меѓу другото отишле во продавницата од каде е купено јажето, а продавачот одговорил:
- Некни дојде еден странец и купи 41,5 метри од ова дебелото, следнио ден дојде Цане покојниот и тој побара 41,5 метри од истото јаже, али му измерив 45, втор брачед ми е, наш чоек, многу фино дете...